Прославивме десетгодишнина од формирањето на ПреспаНет
Мрежата за одржлив развој на прекурганична Преспа
Со гордост најавуваме дека ПреспаНет, мрежата на еколошки невладини организации посветени на зачувување на природното и културното наследство на прекуграничниот слив на Преспанското Езеро, наврши 10 години постоење! Основана во 2013 година од три организации со богата историја на зачувување на природата во регионот – ние, Друштвото за заштита на Преспа од Грција и Заштита и зачувување на природната средина во Албанија – ПреспаНет значајно го унапреди зачувувањето на регионот.
Неколку од значајните достигнувања на мрежата се поефективниот ангажман на локалните заедници и регионалните засегнати страни преку формирањето на канцеларии во Преспа на сите три страни од сливот, заедничкото зачувување на ретките животински и растителни видови и живеалишта во регионот и развојот на Прекуграничната стратешка рамка за зачувување на Преспа, која ги истакнува приоритетите за невладините организации во заштитата на скапоценото природно наследство на областа.
За да ја одбележи својата 10-годишнина, ПреспаНет организираше уникатен настан на тромеѓето, во срцето на Големото Преспанско Езеро. Ова е точката на која се пресекуваат трите граници и точката од која започнува нашата соработка! Држејќи се за раце, ја потврдивме нашата посветеност за зачувување на уникатниот карактер на Преспа и ветивме дека ќе продолжиме цврсто да работиме со партнерите, властите и локалните заедници за да обезбедиме одржлива иднина на ова непроценливо еколошко и културно богатство.
Сместен на раскрсницата на Албанија, Северна Македонија и Грција, регионот на Преспа е уникатно еколошко богатство кое е дом и на извонреден биодиверзитет и на богато културно наследство. Мисијата на ПреспаНет е да ја зачува природата и за луѓето и за дивиот свет. Во текот на изминатата деценија, ПреспаНет неуморно работеше на зајакнување на прекуграничната соработка помеѓу невладините организации и органите за управување со заштитените подрачја. Мрежата отсекогаш истакнувала дека соработката е клучна за успехот на напорите за зачувување и негувала блиски партнерства со сите власти одговорни за зачувување на извонредната природа, пејзаж и култура на сливот.