Пред околу една седмица нашите колеги од Фондот за дива флора и фауна од Бугарија добија алармантни податоци од преку GPS предавателите закачени на неколку црни мршојадци по што веднаш се упатија на терен да проверат што се случува. За жал беше предоцна за мршојадците. Во оддалеченото место Тича на планината Котел во Бугарија, беа пронајдени четири мртви црни мршојадци, еден глувчар и две овчарски кучиња. Најверојатно сторителите примарно сакале да ги отрујат кучињата кои биле пронајдени од мршојадците при што дошло до секундарно труење на мршојадците. Труењето животни е незаконско и неселективно сретство кое често може да предизвика страшни последици по природата. Доколку птиците немале предавател на нив веројатно немало да бидат пронајдени толку бргу и бројот на отруени животни би бил многу поголем. Наредниот ден целиот предел бил повторно пребаран од страна на посебно истренирани кучиња за наоѓање отруени животни и мамки при што биле пронајдени уште два отруени шакали.
Тежок удар врз реинтродуцираната популација на црни мршојадци
Црните мршојадци во Бугарија се истребени веќе неколку децении. Враца, Булгар и Баи Иван се три реинтродуцирани црни мршојадци кои потекнуваат од дивината во Шпанија и беа ослободени во Бугарија во рамки на напорите за враќање на овој вид мршојадци во Бугарија преку проектот The Vultures Back to LIFE. Четвртата птица која беше пронајдена мртва, токму лани ни донесе огромна надеж за иднината на овој вид. Таа беше првата испилена и пролетана млада птица која потекнува од диво гнездо во Бугарија и со тоа го одбележа враќањето на црните мршојадци. Смртта на првото младо после речиси 30 години отсуство го прави овој настан уште попоразителен.
Сторителите мора да бидат донесени пред правдата
Следејќи го протоколот за отруени диви животни, тимот на проектот веднаш се одзва и ги мобилизираше сите релевантни институции кои се должни да ги остражуваат ваквите случаи на сериозен еколошки криминал. Регионалната полиција во Котел започна со истрага при што беа известен и Јавниот обвинител, Инспекторатот за животна средина и Агенцијата за храна и ветеринарство во Бугарија. Сите докази на терен се колекционирани и проследени до соодветните лаборатории за вештачење.
Труењето на диви животни е константен ризик за фауната во Македонија
Илегалната употреба на отворни мамки е проблем кој се провлекува во нашата држава веќе неколку децении. Константните напори за сузбивање на овој тип криминал имаат придонесено многу малку кон отстранувањето на оваа штетна пракса во природата. Како главна закана за опстанокот на мршојадците, отровите веќе имаат придизвикано истребување на црниот и брадестиот мршојадец кај нас додека египетските и белоглавите мршојадци се пројат на прсти. Неопходно е експресно и проактивно вклучување на сите релевантни институции во борбата против ваков тип на криминал со цел да им овозможиме фер шанса за опстанок на ранливите видови.
Македонското еколошко друштво работи токму на оваа проблематика многу години наназад а во моментот го спроведува и проектот BalkanDetox LIFE кој има токму за цел вклучување на институциите, градење на нивните капацитети како и подигање на свеста за оваа штетна пракса.