Во просториите на Факултетот за ветеринарна медицина – Скопје на 3 јуни 2024 се одржа обука за постапување при случаи со труење диви животни за официјалните ветеринари при Агенцијата за храна и ветеринарство. Во рамките на случаи со незаконското труење диви животни, соработката со Факултетот за ветеринарна медицина, како и инспекторите во Агенцијата за храна и ветеринарство се клучен дел во успешно спроведување увидни и предистражни постапки. Како стручни лица, анализите и извештаите кои што се подготвени служат како неспоредни елементи во судска постапка.
Обуката започна со обраќање од страна на Деканот на Факултетот, професорот д-р Деан Јанкуловски, кој што изрази ентузијазам за досегашната соработка со МЕД преку низа на активности во текот на годините. Понатаму, по презентацијата на Арта Старова која што ги опиша главните активности на проектот БалканДетокс LIFE, професорот д-р Трпе Ристоски ги презентираше знаците на труење кај животните кои се манифестираат во положбата на нивните тела но и во влијанието на труење на внатрешните органи. Тој исто така се фокусираше и на правилното постапување од страна на овластените ветеринари и ветеринарни друштва кога ќе се сооучат со угинато диво животно за кое што имаат сомневање дека е отруено, како што е првичното фотодокументирање на самата жртва при некаква манипулација во отстранување/собирање.
Професорката д-р Зехра Хајрулаи-Муслиу презентираше за начините на правилна подготовка на мостри и понатамошното спроведување на потребните токсиколошки анализи. Професорката исто ги дискутираше најчестите пестициди кои што се користат при постапувањето на отровни мамки и опремата со која што располага факултетот за да се спроведат целовкупни анализи на доставените мостри.
Учесниците имаа прилика да присуствуваат и на практична демонстрација, оддржана од страна на д-р Ристоски, д-р Александар Јаневски и доц. д-р Ивица Гјуровски, кои што извршија обдукција на леш од претходно починато животно. При демонстрацијата, детално се објаснија потребните знаци за запазување како и органите што би биле од исклучителна корист како мостри – иако беше спомнато дека најдобро лешот да биде собран и испратен целосно до факултетот. Демонстрацијата имаше цел да ги информира официјалните ветеринари за како би требало да постапуваат заедно со локалните ветеринарни друштва доколку е потребна обдукција на местото на настанот.
На крај, Главниот инспектор за пририода при Државниот инспекторат за животна средина г-динот Пејо Кировски ја презентираше структурата, работата и надлежностите на инспекторите при ДИЖС. Дополнително, тој ја дискутираше потребата за меѓу-институционална соработка која што е клучна во постапувањето со ваквите случаи. Стандардната оперативна процедура понатаму ќе биде клучен документ што при неговото усвојување од страна на Државниот инспекторат за животна средина ќе биде значајна помошна алатка во понатамошни постапувања.