Иако мала по површина, Македонија претставува дом на голем број цицачи. Многу од нив нам ни се добро познати, делумно поради нивната експонираност (низ секојдневието на луѓето), а делумно и поради полесната видливост (покрупните животни полесно се забележуваат). Во нашата земја има дури 89 вида цицачи!

Така, во рамки на класата цицачи постојат и животинки за кои поретко слушаме и читаме. Тоа се малите цицачи – разнолика група која, таксономски гледано, опфаќа повеќе редови и родови. Поимот „мали цицачи“ не претставува таксономска категорија, но во мамалогијата―биолошката дисциплина за цицачите―ова именување се користи за група животни сочинета од инсектојадните цицачи (главно редот Eulipotyphla), глодачите (ред Rodentia) и зајакообразните животни (ред Lagomorpha).

Реликтна кртица

И покрај големиот удел во фауната на цицачи на земјата, малите цицачи кај нас сè уште се недоволно проучени. Тие во Македонија се претставени со 39 вида или речиси половина од вкупниот број цицачи во земјата. Три од нив се ендемични за Балканот: високопланинската полјанка (Dynaromys bogdanovi), фелтеновата полјанка (Microtus felteni) и реликтната кртица (Talpa stankovici). Исто така, кај нас живеат и два ендемични подвида стоболка (Spermophilus citellus karamani и S. c. gradojevici).

Имајќи ја на ум разнообразноста на оваа група, станува јасно дека нејзините претставници населуваат различни живеалишта: крајбрежја на реки и езера, листопадни и иглолисни шуми, грмушести и карпести предели, полиња и полјани, ливади, високопланински пасишта, a живеат и под земја, и неретко се среќаваат во човечките населби. Речиси и да нема педа каде што некој мал цицач не си нашол своја ниша.

Стоболка (Spermophilus citellus gradojevici)

Оваа лепеза на средини укажува на нивната приспособливост, која е отсликана во многуте форми и прилагодби на нивните претставници. На пример, кртовите имаат слаб вид, но развиле посебни заштити на очите и ушите, а имаат и модификувани ноздри и предни екстремитети со силни канџи за копање; некои ровчици имаат отровни жлезди во устата со чија помош полесно совладуваат покрупен плен, а други, слично на лилјаците, се служат и со ехолокација. Природата изобилува со најразлични примери.

Жолтогрлест глушец

При едно вакво шаренило, размножувањето на малите цицачи овде само начелно може да се објасни. Среќаваме претставници кои раѓаат слепи и неподвижни млади без крзно, на кои им е потребна родителска грижа (алтрицијални цицачи), а постојат и цицачи чии млади се раѓаат со отворени очи и крзно, покрупен мозок и способност за движење (прекокцијални цицачи). Така, на пример, куниќот (Oryctolagus cuniculus), познат и како домашен зајак, раѓа слепи и беспомошни млади, заштитени во дувло. Младите на дивиот зајак (Lepus europaeus) се раѓаат на отворено, па оттука и еволутивно стекнатата приспособеност бргу да се осамостојат – тие уште веднаш се подвижни, гледаат и имаат крзно. Освен тоа, бројот на млади во едно легло кај малите цицачи во голема мера варира. Постојат претставници што годишно раѓаат од едно до седум млади (кртови), а има и такви што годишно имаат и по неколку легла (ровчици и глувци).

Мерење на градинарска ровчица

Штом имаат различни однесување, големина и живеалишта, очекувано е дека и исхраната кај малите цицачи ќе варира со цел да се задоволат нутритивните потреби. Некои се тревојади (верверици, полвови, зајци и полјанки), други месојади (ровчици, ежови), а постојат и сештојади (стаорци и глувци).

Со оглед дека овие животни се релативно ситни, доста претпазливи и спретни, а згора на тоа и претежно ноќноактивни, нивното проучувањето не е секогаш едноставно. Постојат различни начини да се утврди присуството на некој мал цицач во едно истражувано подрачје, а овде наведуваме некои почесто користени.

Подземни дувла на јужната полјанка (Microtus hartingi)

Некои видови се распознаваат по она што го оставаат зад себе: стапките на земја (идеално во снег или кал) се погоден начин за распознавање на дивиот зајак (Lepus europaeus); топчести гнезда сплетени од трева упатуваат на присуство на џуџест глушец (Micromys minutus); кружното изгризана лушпа кај желадите е знак за хранењето на обичниот полв (Glis glis), чиј ноќен крик е исто така препознатлив; итн. Понекогаш присуството на малите цицачи го утврдуваме ако ја анализираме исхраната на нивниот предатор. Така, на пример, во бизоарот на бувот (исплукан недигестиран остаток од храната) често има влакна и ковчиња од некој мал цицач. Со доволно знаење и стручност, постои можност да се препознае родот, па и видот на пленот.

Живоловка

За да се одредат некои видови, пак, потребно е тие да се имаат пред себе. Во тој случај се употребуваат стапици. Зависно од начинот на фаќање на животното постојат живоловки – со кои животното само привремено се заробува заради проучување, и мртволовки – кои го усмртуваат животното. Нам добропознат тип мртволовка од секојдневието ни се стапиците за глувци. За жал, однесувањето на некои видови секогаш не дозволува употреба на живоловки. Самите стапици претставуваат нов и сомнителен

Обичен полв

предмет во околината на едно животно. Малите цицачи по природа се плашливи но и „опремени“ со софистицирано сетило за мирис. Така тие лесно може да го насетат мирисот на истражувачот. Понекогаш потребни се неколку дена за мирисот да изветрее, а животните да се навикнат на глетката. При поставувањето стапици редовно се ставаат мамки. Тоа е некоја помиризлива храна (овошје, риба, путер, грицки), која животното ќе ја насети оддалеку. Интересно е што различни цицачи претпочитаат различна храна, што се уочува од успешноста во фаќањето на единките.

Успешноста на овие таинствени животни да опстануваат во толку широк спектар на живеалишта прави да се мошне интересна група за проучување. Ние и понатаму ќе истражуваме и ќе ги споделуваме новите сознанија!

Start typing and press Enter to search