Македонското еколошко друштво во понеделникот, на 5-ти март на планината Стогово залови балкански рис којшто по поставањето на GPS околувратникот беше ослободен во природа. Рисот е заловен во рамки на проектот “Статус, екологија и окупираност на територијата на критично загрозениот балкански рис во Македонија и Албанија“, а финансиран од Швајцарската научна фондација (SNF) и Швајцарската агенција за рзвој (SDC).
Рисот се фати во замка поставена на територијата на ловиштето „Душегубица“ во сопственост на Македонски шуми, подружница Лопушник-Кичево во дабова шума и на доста стрмен терен. Со ова ловиште тимот за заштита на балакнскиот рис во Македонија оствари многу добра соработка во која се регулира и делот на мониторинг на рисот.
По фаќањето, рисот беше успан и за време на делувањето на седативите беше детално измерен, му беа земени крв и влакна за генетска анализа и му беше поставен GPSоколувратник. Станува збор за здрава машка единка, стара најверојатно од две до три години, долга 98 см и тешка 17 килограми.
Тимот на Македонското еколошко друштво одлучи овојпат рисот да го крсти РИСте. Благодарение на GPS технологијата, РИСте веќе испраќа податоци за тоа каде се движи. Податоците се од извонредно научно значење за да се дознае нешто повеќе за биологијата и екологијата на балканскиот рис. Со споредбена анализа на податоците ќе се увиди и дали заловениот рис Марко од 2010 година и рисот Ристе се соседи, односно дали им се преклопува територија на движење.
Македонско еколошко друштво смета дека овој настан може позитивно да влијае на подигнување на јавната свест во однос на заштита на ова критично загрозено животно, особено поради фактот што криволовот е сеуште најголема закана за неговиот опстанок, не само во Македонија туку и во регионот.
Ова е втор рис на којшто му е поставен GPS околувратник во Македонија. Тимот на Македонско еколошко друштво составен од Диме Меловски, Ѓорѓе Иванов, Александар Стојанов и Васко Авукатов веќе шест години работат на заштита на балканскиот рис односно ја спроведуваат Програмата за закрепнување на балканскиот рис. Првиот рис на којшто исто така му беше поставен GPS околувратник беше заловен во замка во март 2010 година во Националниот парк Маврово. Сесијата за заловување на нови единки на балкански рис продолжува и оваа зима, а тимот се надева дека ќе залови и нови единки од критично загрозениот балкански рис.