Дабот, едно од најважните и најценетите дрвја во многу шуми и други екосистеми, е симбол на отпорност и цврстина. Квалитетот на дабовото дрво и неговата цврстина најдобро го илустрира фактот дека столбовите на кои стои Венеција се изградени токму од дабово дрво.
Дабот обично живее околу 200 години, но некои дабови дрвја можат да досегнат старост и до 1000 години. Дабот учествува со околу 30% од шумската вегетација во нашата земја. Дабовите шуми се дом и засолниште за голем број на животни, но и за најскапите габи во свет – тартуфи, кои најубаво успеваат во дабовите шуми.
Во светот постојат околу 600 различни видови на дабови чии што листови можат да бидат во различна боја – нијанси на зелена, жолта или црвена боја. Самите листови имаат специфична форма. Можат да бидат елипсовидни или јајчести, со тап, кружен или зашилен врв, а страните на листот се со резни, назабени или цели. Машките и женските цветови се наоѓааат на исто дрво и создаваат плод познат како желад. Желадот се наоѓа на трпезата на верверичките, глувците, елените, свињите, некои клукајдрвци и други шумски животни.
Дабовиот желад отсекогаш се користел за исхрана на добитокот, посебено на свињите. Но желадот се користел и во човечката исхрана, од неолитот па се до 19-от век. Денес го користат само поборниците на природната исхрана печен како костен, како пире, сомелен како додаток на лебот или пржен и мелен како замена за кафе. Во Германија и ден-денес е добро познат изразот “желадово кафе”.
Разни празноверувања се поврзани со желадот, бидејќи се сметал како плод на свето дрво, па така се сметало дека желадот треба да се носи со себе за заштита од болести и како амајлија за добра среќа. Постои и верување дека ако се чуваат дома неколку желади, домот ви е заштитен од громови, а во Британија една стара традиција вели дека жена која секогаш носи желад со себе, може засекогаш да остане млада.
Старите Словени верувале дека дабот е свето дрво на богот Перун. Во негова чест, во светилиштата и дење и ноќе горел оган за кој се користеле само дабови стебла, а под неговите крошни се вршело судење и се одржувале важни племенски собири.
Во периодот на владението на Османлиската империја, Словените во недостаток на цркви се молеле под осветени дабови дрва, па сеуште во многу манастири и цркви можат да се сретнат стари дабови дрвја. И ден-денес, православните верници на Бадник во својот дом внесуваат дабови гранки.
И старите Грци и Римјани го сметале дабот како еден од симболите на својот врховен бог Зевс, односно Јупитер, богот на небото, дождот и громот. Дабот бил симбол на богот Громовник и кај други европски народи како кај Келтите и Германите, кои дабовите гранки ги користеле за различни обреди. Древните Друиди го обожувале дабовото дрво, сметајќи дека има волшебна моќ. Празноверите за дабот и неговата моќ постои и денес. На пример, на брачните парови кои не можат да имаат деца, им се советува да посадат дабово дрво. Многу премини на њујоршката Централна железничка станица, имаат насликано дабови гранки како симбол за охрабрување на патниците кои одат на долги патувања.
Дрвото на дабот се карактеризизра со голема цврстина поради што наоѓа голема примена и се користи во рудниците, за праговите на шините, изработката на бродови, производство на фурнир, паркет и најразновиден мебел. Многу иконостаси или фрески во манастирите и црквите, се изработени токму од ова дрво.
Дабот можете да го сретнете на грбови и знамиња на многу градови и држави. На сегашниот грб на Србија, се наоѓаат како мотив два вкрстена листа од даб, а мотив на даб можете да најдете и на хрватската куна од пет липи.
Проф д-р Маја Јорданова