Со почетокот на есента завршија многубројни истражувања на птици кои се одвиваа во рамките на проектот за Јадранските прелетни патишта и „Прекугранична заштита на регионот Преспа преку заеднички партнерски акции на ПреспаHет“.

Како што кажува и самото име нa проектот – „Јадрански прелетни патишта“ ова е повеќегодишен проект кој истражува какви закани има за птиците преселници кои мигрираат преку јадранските прелетни патишта и како може овие закани да се отстранат или намалат. Оваа година бевме фокусирани на откривање на потенцијално опасни далекуводи кои птиците ги користат за одморање, гнездење или хранење за време на нивната миграција. Опасноста на далекуводите произлегува од можноста да предизвика електрокуција на птиците кои ги користат и можат лесно да предизвикаат „краток спој“.

 

Гнездо на далекувод

Гнездо на царски орли

Царски орел на далекувод

Птиците кои се особено засегнати од опасни далекуводи се некои од најзнаменитите и препознатливи видови, како штрковите, царските орли, степските ветрушки и модровраните.  Во нашето истражување се следеше и состојбата со гнездечките царски орли.

Еден од нашите најважни партнери во ова истражување беше ЕВН. Особено беше значајна соработката со подрачните единици од Кочани, Гевгелија и Богданци каде заеднички имавме акции за спасување на гнезда на штркови. Блиски и силни партнерни ни беа и Општините и локалните невладини организации, како ПроАнима од Берово, кои го спасија последното штрково гнездо во градот.

Нова гнездечка платформа како замена

Гнездо в неволја

Додека во Кочанско и Овче Полско се фокусиравме на прелетните патишта и нивните закани, во Преспа бевме целосно посветени на мониторинг на видовите на птици кои гнездат во тој регион и нивната екологија. Ваквите истражувања ни помагаат да разбереме глобални популациски трендови бидејќи се работи за птици од глобално значење. Истражувањата на Wetlands International и Универзитетот од Турки, Финска, кои ги користеа и нашите податоци, со сигурност ни потврдија дека заштитените подрачја со водни површини им помагаат на птиците побрзо да ги надминат проблемите предизвикани од глобалните климатски промени.

Нашиот тим го следеше гнездењето на кормораните, сивите чапји и жолтоногите галеби на островот Голем Град. Интересно беше дека бројот на гнезда на корморани беше скоро удвоен на островот, а зголемен беше и бројот на гнезда на сиви чапји. Грчките експерти имаат теорија дека можно е овие промени да се резултат на губењето на териториите за гнездење и исхрана на колонијата корморани на малото Преспанско езеро. Дали оваа теорија е точна и што значи ова за екосистемот на островот и за екологијата на овие видови на птици ќе продолжиме да истражуваме и во наредните години.

Мешан тим на истражувачи

Голем Град

Гнездо на чапји на Голем Град

 

 

 

 

 

 

Сите истражувања во Преспа ги спроведуваме со поддршка од нашите колеги од Националниот парк Галичица и од Општината Ресен која управува со заштитеното подрачје Парк на природата Езерани.

 

 

 

 

 

 

 

Оваа година Преспа беше вест низ целата држава поради нискиот водостој, но и поради неверојатната појава на розеви фламинга кои за време на својата миграција неколку дена се задржаа и кај нас. Слична радост за нашиот тим предизвика и задржувањето на ибисите и сабјарките во трската на Езерани. Очекуваме дека ибисите може и да почнат да гнездат кај нас наскоро.

Фламинга

Ибиси (темните птици)

Сабјарка (позајмена фотографија од Dr. Raju Kasambe)

Start typing and press Enter to search