На 15.03.2023, националната работна група за борба против отрови одржа состанок во рамки на проектот Балкан Детокс LIFE. Групата е неофицијално формирана во 2018, и оттогаш членовите заедно со МЕД имаат соработувано на креаирање на Националниот акциски план за борба против отрови во Република Северна Македонија, разработка на шемата на надлежности, како и стандардната оперативна процедура. На средбата беа присутни претставници од Министерство за животна средина и просторно планирање, Државен инспекторат за животна средина, Министерство за внатрешни работи, Министерство за транспорт и врски, Царинска управа на Република Северна Македонија, Агенција за храна и ветеринарство, Факултет за земјоделски науки и храна, Факултет за ветеринарна медицина – Скопје, Природно-математички факултет и Факултет за безбедност.

На состанокот беа презентирани досегашните активности и резултати на Балкан Детокс LIFE проектот, како и следните битни чекори што треба да се преземат. Една од главните активности во последниот период е потпишувањето на договор помеѓу МЕД и Факултетот за Ветеринарна Медицина за спроведување токсиколошки анализи на отруени диви животни. Преку проектот беше набавена и донирана опрема на факултетот, потребна за предвидените токсиколошки анализи.

Следните битни чекори во рамки на проектот се:

  • Oфицијализација на националната работна група од страна на Министерство на животна средина и просторно планирање;
  • Усвојување на Национален акциски план за борба против отрови во Република Северна Македонија;
  • Креирање на стандардна оперативна процедура за истрага на случаи со труење на диви животни;
  • Организирање на национални тренинзи спроведени од страна на лицата кои што беа обучени во Академијата за спречување на криминални дејствија против дивиот свет во Андалузија, Шпанија во тек на проектот.

За време на состанокот, работната група се фокусираше на институционалната координација и на ланецот на надлежности при случаи со труење на диви животни. Продуктивната дискусија овозможи работната група да увиди на кои места има потреба од надополнување и промени во работата кај засегнатите институции. Решавањето на овие недоследности би овозможило стандардната оперативна процедура понатаму да биде изработена и законски усвоена.

Како битна точка беше издвоена потребата за креирање на мрежа на полициски служби и засегнати инспектори на локални ниво, кои што работат на руралните средини означени како „жешки точки“ за труење диви животни. Исто-така, групата се согласи дека има потреба да разработи и издвои одреден буџет при случаи со труење на дивиот свет (транспортни трошоци, токсиколошки анализи итн.). Понатаму, беше нагласено едукативните предавање спроведени во релевантните рурални средини да се продолжат, поради неопходноста да се зголеми јавната свест за проблематиката како и нејзните последици за јавното здравје и животната средина.

Зголемениот број годишни средби и обуки на работната група, придонесуваат оваа мрежа да стане посилна. Регуларните состаноци овозможуваат зајакнување на капацитетите како и координацијата на државните институции во справување на незаконското труење на дивиот свет.

Проектот „Балкан Детокс LIFE“ доби средства од Програмата LIFE на ЕУ.

 

 

 

Start typing and press Enter to search