Македонското еколошко друштво (МЕД) ја поддржува иницијативата за отворање на центар за згрижување на диви животни. Целта на овој центар треба да биде згрижување на повредени автохтони животни или млади единки останати без родители, на кои им е потребна медицинска помош, односно помош да достигнат возраст на која ќе бидат способни да преживеат во природа. Потребата за ваков центар е препознаена од пред најмалку 20 години, а е особено актуелизирана во последните 8 години.
Според МЕД, прифатниот центар треба да претставува професионална институција за која ќе биде обезбедено долгорочно финансирање и пред сè ќе се грижи за доброто на единките кои припаѓаат на засегнати и заштитени диви видови животни. Во тој центар треба да бидат вработени кадри кои ќе поминат соодветна обука за справување со диви животни (првенствено цицачи и птици), а центарот треба да е под раководство на доктори по ветеринарна медицина.
Прифатниот центар треба да има на располагање соодветни простории за било каква ветеринарна интервенција поврзана со здравствениот статус на животните. Освен тоа, оваа институција треба да располага со повеќе карантински простори (заградени живеалишта адаптирани на потребите на животните) каде единките ќе можат да се рехабилитираат за повторно да можат да се вратат во природата.
Враќањето во природа мора да биде на местото каде тоа животно било најдено и со претходно информирање на локалните заинтересирани страни: ловечки друштва и невладини организации.
Потребно е да се има предвид дека не секое животно може да се врати во природа откако подолго време било во присуство на луѓе или израснало со помош на луѓе. Како најкарактеристичен пример би ја споменале кафеавата мечка, која под никакви услови не би требало да се врати во природа откако била изложена на човекова нега, вклучетелно и мече кое целосно бил одгледано од човекот. Мечките се доста подложни на процесот на хабитуација (привикнување на живот со луѓе), а со тоа можат да бидат опасни за локалното население во регионот на нивно повторно враќање. Затоа, МЕД препорачува овие единки да бидат пратени во соседните земји каде што има специјализирани прифатни центри, а доколку нема друга опција, да бидат еутанизирани. Еутаназијата треба да биде опција и за сите единки кои нема да можат да бидат вратени во природа, ниту ќе можат да бидат вклучени во програми за размножување на засегнати видови.
Прифатниот центар не смее да биде отворен за посетители со цел животните да бидат што помалку во контакт со луѓе и да нема мотивација да чуваат животни заради остварување на финансиска добивка (на пример, од влезници или слично). Сепак, истиот треба да овозможи услови за волонтирање и стручно усовршување на кадар.
За секое животно донесено во прифатниот центар, пронаоѓачот треба да пополни образец со информации за местото, времето и околностите за наоѓање на животното.
Прифатниот центар за почеток треба да биде фокусиран на најприоритетните (критично загрозени и загрозени) видови за заштита, како на пример балкански рис, кања, белоглав мршојадец и други. На овие видови им се заканува опасност од исчезнување, а со тоа грижата за секоја единка станува приоритет. Пожелно е прифатниот центар да има кадар кој освен основната обука за справување со диви цицачи и птици, ќе помине соодветна ветеринарна обука за приоритетните видови.
По исклучок, центарот може да се вклучува и во програми за размножување на засегнати видови, под координација на Европската асоцијација на зоолошки градини (EAZA) и други стручни организации или научни институции.
Една од причините за воспоставување на ваков центар е и привремено згрижување на единки кои биле предмет на нелегална меѓународна трговија и се запленети од царинските служби. Центарот треба да обезбеди услови за ветеринарен преглед, задржување во карантин и грижа за овие единки (честопати различни видови птици, примати, водоземци и влекачи кои бараат поспецифини услови за згрижување), се додека истите не бидат вратени во земјата на потекло, вратени во природа, доколу потекнуваат од нашата држава, или да се постапи согласно одлуката на надлежниот орган. Ваквите единки во никој случај не треба да бидат предмет на понатамошна трговија или отуѓување заради други причини.