Кон крајот на јуни ги одржавме завршните настани по компонентата „Индентификација на шуми со високи природни вредности“, која е дел од СТАР 5 проектот “Постигнување на заштита на биолошката разновидност преку создавање и ефикасно управување со заштитени подрачја и интегрирање на биолошката разновидност во планирање на користење на земјиштето“. Овој проект е финансиран од Глобалниот фонд за животна средина (ГЕФ) и имплементиран од Програмата на Обединетите нации за животна средина (УНЕП).
На работилниците, преку четири презентаци се направи потсетување на концептот на шуми со високи природни вредности, потребата од нивно зачувување и критериумите за идентификација на овие шуми, беа презентирани скоро финалните резултати од досегашната работа на голем тим на шумарски инженери и биолози, беа претставени предлог-препораките за управување со ваквите шуми, посебно за избраните пилот подрачја Беласица и Буковиќ, и беа дискутирани можните начини за идното зачувување на ваквите шуми.
Работлиниците се одвиваа со мал број учесници, во Берово, Дојран, Кнежино и Скопје, на отворен простор, заради минимизирање на ризикот од ширење на вирусот COVID-19. Вкупно присуствуваа 41 учесник, од јавното претпријатие „Национални шуми“ и неговите подружници и Факултетот за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг „Ханс Ем“ од Скопје.
Според досегашните резултати, идентификувани се 154 шумски целини со високи природни вредности, кои вкупно зафаќаат над 72000 хектари. Најмалата шумичка има површина од само 2 хектари (Мокрински Извори, Беласица), а најголемата повеќе од 10000 хектари (Козјак, Мариово). При тоа, во однос на вкупниот процент на типови шуми, околу 40% од сите зимзелени шуми во земјата се идентификувани како значајни за биолошката разновидност, и само 2,5% од листопадните шуми, при што посебно отсуствуваат зачувани шуми во заедниците на дабот.
Само мал дел од идентифукуваните шуми (нешто над 6%) не се дел од мрежата на заштитени подрачја на национално ниво, дел од Емералд мрежата воспоставена согласно Бернската конвенција за заштита на природните живеалишта и живиот свет, дел од мрежата на Значајни растителни порачја или дел од предложената Репрезентативна мрежа на заштитени подрачја.
Дискусиите на работилниците уште еднаш ја потенцираа потребата од јакнење на капацитетите на јавното претпријатие кое управува со шумите – „Национални шуми“, потребата од промени во законските и подзаконсите решенија кои ги ставаат рамките за одгледување и користење на шумите, зголемување на институционалната борба со дрвокрадството и друго.
Активностите за компонентата се спроведуваат од страна на Македонското еколошко друштво во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање, кое е и главен партнер и корисник на резултатите од проектот.