Минатата недела, Арта Старова покрај други учесници од Индија, Јапонија, Србија и Папуа Нова Гвинеја, учествуваше во програмата за посетители на Европската Унија (European Union Visitors Programme) во Брисел. Посетата се состоеше од индивидуална петдневна програма на состаноци со различни претставници од институциите на ЕУ. Главните теми на посетата на Арта беа еколошкиот криминал, корупцијата и одржливото управување со природните ресурси.
Од аспект на животна средина беа одржани состаноци со претставници од Генералниот директорат за животна средина, член на Кабинетот на еврокомесарот, Г-ѓа Џесика Розвол, за животна средина, отпорност на вода и конкурентна кружна економија, членови од Европската слободна алијанса, како и асистентот на пратеникот г-дин Вигенин кој што е член на парламентарната Комисија за животна средина, клима и безбедност на храната (ENVI), покрај други комитети и делегации. Беше дискутирана ревидираната Директива за еколошкиот криминал (2024/1203) која што опфаќа поконкретни мерки за сузбивање на овие кривични дела, како на пример употребување на посебни истражни мерки за потешките еколошки кривични дела. Исто така, покрај други клучни еколошки теми, главните за следниот период за кои што ќе треба да се превземат мерки се одржливото управување со водата и отпадот.
Понатаму, состанокот со Генералниот директорат за парламентарни истражувачки служби овозможи подетален преглед на процесот на предлагање на измени или надополнување на постоечката ЕУ легислатива од страна на Комисијата, спроведувањето на анализи и на крај можното усвојување на истиот предлог. Исклучително е битно да се разбере улогата на контрадикторните политички волји при целиот процес. Квалитетни истражувања се потребни за веродостојни аргументи и тоа беше тема на дискусија на состанокот со претставниците Генералниот директорат за иновација и истражување, секторот кој што ја спроведува научно -истражувачката програма „Хоризонт Европа“.
Ширум светот корупцијата е еден од главните стимулатори на еколошкиот криминал, и во многу држави, покрај нашата, претставува пречка во развојот на клучни области како што е еколошката правда и човекови права. На состаноците со еден од експертите за корупција во Генералниот директорат за миграција и внатрешни работи како и меѓународната невладина Транспаренси Интернешнл (Transparency International), беа дискутирани моменталните трендови на корупција во земјите членки во ЕУ, но и можностите за невладиниот сектор да пријави случаи и да работи повеќе на оваа појава. Тешкото дефинирање и докажување на корупцијата многу пати нè спречува да работиме на нејзиното подиректно сузбивања, но сепак нè засега сите и треба да се вклучи како битен елемент во борбата за позајакната заштита на животната средина.
Средбите со преставниците од Генералниот директорат за надворешни односи и Генералниот директорат за соседство и преговори за проширување овозможија подетален осврт за прогресот на Северна Македонија во однос на застапување во ЕУ фамилијата. Покрај моменталните дебати, се дискутираа приоритетните и релевантните теми за следниот период во Западен Балкан.
Онлајн состаноците со претставниците на единицата за еколошкиот криминал при Европол како и Европската мрежа на јавни обвинители за заштита на природа (ENPE) отворија дискусија за клучната улога на полицијата и јавните обвинители во истрагите на еколошките кривични дела, и кои се можностите за зајакнување на нивните капацитети на национално ниво во држава како Северна Македонија. Понатаму средби се одржаа со организации кои што работат на јавни политики поврзани со заштита на природа како што e канцеларијата на BirdLife Европа и Централна Азија, Еуронатур и Светскиот фонд за природа. Од аспект на транзицијата, улогата на невладниот сектор е мошне битна во давање поддршка на јавните институции, кои што често изјавуваат дека им недостастуваат капацитети за спроведување на клучни мерки од областа на заштита на животната средина, како и основни човекови права.
„Секако дека како земја кандидат имаме обврска да ги усогласуваме нашите закони на барањата на ЕУ и на меѓународните ратифукувани конвенции. Сепак, покрај ова, битно е да се сфати дека ние треба да ја подобруваме нашата легислатива за доброто на нашата држава – без разлика дали тоа значи членство во ЕУ или не“, изјавува Арта Старова, координатор на BalkanDetox LIFE.
Покрај состаноците, се посетија неколку клучни објекти и локации како што е Парламентот и салата за пленарни седници, и зградата „Европа“ која што Европскиот Совет ја дели со Советот на Европската Унија. Програмата беше уникатна прилика за да се научи повеќе за политиките и институциите во ЕУ, како и за создавање капацитети кои ќе придонесат кон придвижување на нашата земја кон начините на оперирање на земјите од Европската Унија.