Европската иницијатива за крупни месојади (LCIE)[1] изразува загриженост поради предлогот[2] на Европската Унија (ЕУ) за преместување на волкот (Canis lupus) од Прилог II на Прилог III од Бернската конвенција[3] и намерата, следствено на тоа, видот да се премести од Анекс IV на Анекс V од Директивата за живеалиштата на ЕУ.[4]

LCIE не се противи на намалување на статусот на заштита кај видови (или популации). Но актуелниот предлог покренува сериозни прашања, меѓу другото, и за начелото одлуките поврзани со заштитата и управувањето со дивиот свет да се темелат на научни сознанија, а не (исклучиво) на политичка основа. Како што е образложено подолу, не постои оправданост за предлогот за сеопфатно намалување на статусот на заштита за волкот на целиот континент.

Доколку предлогот биде прифатен од страна на Постојаниот комитет на Бернската конвенција, може да настане несакан преседан со кој во иднина и за други видови би се укинал или намалил статусот на заштита.

Како што нагласи и Постојаниот комитет во Одлуката бр. 56 (1997), измените и дополнувањата на прилозите од Конвенцијата треба да се прават „конзистентно и според најновите научни сознанија“.[5]

Според тоа, предлогот на Швајцарија од 2022 г. да се намали статусот на заштита на волкот не беше усвоен од страна Постојаниот комитет, меѓу другото, имајќи го предвид извештајот за состојбата на зачуваност на европската популација на волкот подготвен од LCIE.[6] Оттогаш, па сè до одлуката на ЕУ за намалување на статусот нза заштита, состојбата не се има значително променето, за што поврдува и извештај подготвен за Европската комисија во 2023 г.[7]

Така, согледувајќи ја потребата за доследност и научна поткрепа, загрижува фактот дека за поддршка на предлогот да се намали статусот на заштита се упатува токму на истиот извештај на LCIE од 2022 г. Инцидентно, во извештајот на Комисијата од 2023 г. се споменува маргинално повисока бројност на волците. Неверојатно е дека истите аргументи што ЕУ ги даде против предлогот на Швајцарија од 2022 г. да се намали статусот на заштита важеа и понатаму кога самата ЕУ одлучи да поддржи ваков предлог.[8]

Имајќи ги предвид бројноста и трендот на волкот, ЕУ сака да наметне став дека со намалениот статус на заштита ќе се „овозможи флексибилност“ да се осврне на „зголемениот број социоекономски предизвици за коегзистенција со човечките активности“ кои „поконкретно се поради штети врз добитокот, кои се значителни и засегаат сè повеќе региони.“[9] Сепак, се чини дека од 2022 г. не е евидентиран забележителен пораст на штети врз добитокот предизвикани од волкот, а истото се однесува и на ризикот по јавната безбедност. Повторно, ова е образложено во извештајот од 2023 г.[10]

Дополнително, актуелниот режим на строга заштита според Прилог II од Бернската конвенција и Анекс IV од Директивата за живеалишта веќе дозволува застрел на волци заради превенција на сериозни штети врз добитокот или ризици по човековата безбедност. LCIE нема утврдено научни докази што убедливо ја поткрепуваат претпоставката дека со намалениот статус на заштита може да се очекуваат помалку социјални и економски конфликти поврзани со волкот. Всушност, малку е веројатно дека подлабоките социјални конфликти кои ја подгреваат актуелната полемика за управувањето со волкот (а не штетите врз добитокот) ќе се разрешат со намалениот статус на заштита. Со тоа, очекувано е дека некои чинители ќе бидат задоволни, а други не. LCIE изразува надеж дека во иднина состојбата на зачуваност на сите европски популации на волкот, како и заканите по нив – истото се однесува и на други видови – ќе исклучуваат потреба од строга заштита. Сепак, за евентуално намалување на статусот на заштита потребни се цврсти докази, како и јасни и доследни цели, заложби и проценки во последователниот период.

Пред евентуално намалување на статусот на заштитата потребна е стандардизирана и научно поткрепена рамка за иницирање, намалување и укинување на статусот на заштита[11] за да се обезбеди доследно и транспарентно носење одлуки, а притоа да се минимизира влијанието од политизирање и лобирање.

Во таа насока, потребно е да се обрне внимание на конкретната состојба на зачуваност и потребата за заштита за секоја популација, и за тоа како идните политики се поврзани со социоекономските околности. Така, во извесни случаи може да постои оправданост да се намали статусот на заштита за некои популации на волкот, а пак во други не, што е поразлично од сеопфатното вметнување на кој било анекс, и тоа на континентално ниво. Се работи за приод скроен за засебни случаи, и вметнувањето на какви било листи треба дополнително да се разгледува.[12]

Исто така, пред евентуално намалување на статусот на заштита, потребно е да се добие појасна слика за импликациите што произлегуваат од режимот на заштита од Прилог III (Бернска конвенција) и Анекс V (Директива за живеалиштата), особено за волкот, како вид што подгрева контроверзии и силно политичко несогласување во делови од неговото распространување.

На пример, треба да се нагласи и реафирмира дека при намалување на статусот на заштита нема да се намалат актуелната бројност, ареалот на распространување и популациите на волкот. Тоа всушност би се косело со целите, обврските и резонот на различните режими на заштита од Прилог II, односно Прилог III (и паралелно на тоа, со Анекс IV и V од Директивата за живеалиштата).

Доколку и на Директивата за живеалиштата се намали статусот на заштита за волкот, обврската да се обезбеди поволна состојба на зачуваност ќе остане како единствен суштински правен услов. Ова упатува на важноста да се развиваат конзистентни и заеднички насоки за земјите, за да ги транспонираат своите правни обврски и на дело да обезбедат поволна состојба на зачуваност за волкот.

Најпосле, успешното зачувување на крупните месојади, како и трајниот соживот, во значителна мера ќе зависи од тоа колку управувањето ќе биде значајно, изводливо и законски применливо на повеќе нивоа, и тоа за локални и прекугранични популации. Европскиот суд на правдата неодамна појасни дека поволна состојба на зачуваност треба да се оствари на локално и национално ниво.[13] Сепак, со оглед на малата густина и потребата од голем ареал на распространување кај волкот (но и кај други крупни месојади), се чини дека прекуграничната соработка на ниво на популации, како што постојано препорачуваат Постојаниот комитет и Европската комисија, во таа смисла ќе биде од клучно значење.[14]

Имајќи ги предвид светските и европските политики за спречување на загубата на биолошката разновидност, обнова на екосистемите и промовирање соживот помеѓу човекот и дивиот свет, важно е на волците (но и на другите крупни месојади) да им се овозможи да опстануваат како функционални, интерактивни и динамични компоненти од европските екосистеми во најголема можна мера, а притоа внимание да се обрне на перцепциите, егзистенцијата и активностите на локалните заедници на луѓето.[15]

Со тоа, позитивниот исход кај популациите на волкот во Европа претставува охрабрувачки успех во заштитарството и тоа треба да се слави. Според најновите проценки на LCIE, направени неодамна, бројот на волкот на европско тло изнесува 23.000 единки, при што кај повеќето популации се забележуна нагорен тренд.[16]

Сепак, од горенаведените причини, последниот предлог за намалување на статусот на заштита е избрзан и погрешен, а LCIE не препорачува негово усвојување.

[1] LCIE е Специјалистичка група во рамки на Комисијата за опстанок на видовите при IUCN.

[2] Предлог за измена на Прилог II и III од Бернската конвенција за заштита на дивиот животински и растителен свет и природните живеалишта во Европа со преместување на волкот (Canis lupus) од Прилог II на Прилог III, 2024 г., T-PVS/Inf(2024)15.

[3] Конвенција за заштита на дивиот животински и растителен свет и природните живеалишта во Европа, 1979 г.

[4] Директива 92/43/EC за зачувување на природните живеалишта и дивата фауна и флора, 1992 г.

[5] Препорака бр. 56 (1997) за насоки што треба да се земат предвид при давање предлози за измени и дополнување на Прилог I и II од Конвенцијата и при усвојување измени и дополнувања.

[6] LCIE, Assessment of the conserva�on status of the wolf (Canis lupus) in Europe, September 2022, T-PVS/Inf(2022)45.

[7] Blanco & Sundseth, The situa�on of the wolf (Canis lupus) in the European Union – an in-depth analysis, report of The N2K Group for DG Environment, European Commission 2023.

[8] Одлука на Советот на Европа 2022/2489: „Врз основа на актуелните податоци, не постои научна и конзервациска оправданост за намалување на статусот на заштита кај сите популации на волкот. Состојбата на зачуваност на видот останува различна на целиот контитент, при што поволна состојба на зачуваност е утврдена само во 18 од вкупно 39 национални делови од биогеографските региони на Унијата. Ова го потврдуваат и најновите научни информации за состојбата на зачуваност на видот што произлегуваат од известувањето според Член 17 од Директивата на Советот 92/43/EEЗ и според Резолуцијата бр. 8 (2012) од Бернската конвенција. Постојаните закани, вклучувајќи ги и тие во подем, како подигањето погранични огради и хибридизацијата помеѓу волците и кучињата, потврдуваат дека треба да се одржи статусот на строга заштита. Оттука, Унијата треба да се спротивстави на предлогот на Швајцарија.“

[9] Предлог на ЕУ, T-PVS/Inf(2024)15, став 14-16.

[10] Како се наведува во главните резултати на Бланко и Сундсет (Blanco & Sundseth), „целокупното влијание на волците врз добитокот во ЕУ е многу мало [и] во последните 40 години во Европа не е регистриран случај на напад од волк со фатален исход.“ Види и Marsden et al., Livestock depredation and large carnivores in Europe: overview for the EU platform, Adelphi Consult GmbH 2023.

[11] Ова ќе се надоврзе и прошири на Препораката бр. 56 (1997) на Постојаниот комитет.

[12] Доделувањето различен статус на заштита се применува кај разни подвидови. Освен тоа, денес различниот статус на волкот произлегува од задржани права и исклучоци кои се применуваат во различни земји.

[13] Европски суд на правдата, Случај C-601/22, 11 јули 2024 г.

[14] Препорака на Постојаниот комитет бр. 137 (2008); Linnell et al., Guidelines for population level management plans for large carnivores in Europe, LCIE report for European Commission, 2008.

[15] Види и LCIE Manifesto for large carnivore conserva􀆟on and management in Europe, последен преглед во 2023 г.: htps://lciepub.nina.no/pdf/638593145004513356_LCIE_Manifesto_final_261123.pdf.

[16] Kaczensky et al., Large carnivore distribu􀆟on maps and popula􀆟on updates 2017-2022/23, LCIE & IEA 2024.

Start typing and press Enter to search