Ни претставува огромно задоволство да ви ги претставиме завршените проекти во категоријата на средни грантови при програмата за поддршка на млади еколози „д-р Љупчо Меловски” за 2021ва година.
-
Развивање и примена на методи за следење на испарливи и полуиспарливи органски соединенија во воздухот во Скопје
Раководител: Ивона Софрониевска
Финален извештај: Аерозагадувањето со штетни испарливи (VOCs) и полуиспарливи органски соединенија (SVOCs) е проблем на глобално ниво поради ризикот кој го претставуваат за здравјето и животната средина. За негово разрешување неопходно е да се изнајдат локални решенија, при што појдовна точка е идентификација на најкритичните соединенија во воздухот и преземање мерки за нивно редуцирање. Целта на ова истражување беше да се развијат и применат методи за анализа на полуиспарливи и испарливи органски супстанци во воздухот по активен и пасивен пат кои ќе овозможат да се соберат податоци за нивното присуство и концентрации во воздухот во Скопје.
Примероци од SVOCs во воздух беа земени со примена на активно (со пумпа) и пасивно (со слободна дифузија) земање проба на полиуретанска пена, а од VOCs по пасивен пат на филтри со активен јаглен. Соединенијата беа десорбирани со екстракција со соодветни растворувачи и анализирани со GC-ECD и GC-MS.
Најзначајни резултати:
SVOCs: 1. OCPs и PCBs: Најзастапени: HCH изомери, со просечна концентрација повисока од 0,25 μg·m‒3 (гранична[1]) во јануари, мај, јуни, јули и август; Другите OCPs и PCBs се со релативно ниски концентрации. 2. PAHs: Кај двете депонии беа идентификувани вкупно 14 PAHs од кои најзастапени во целиот период беа нафтален, фенантрен, флуорантен и пирен; Повисоки просечни концентрации во зимски период.
VOCs: Идентификувани: алифатични (најзастапени од 01.2022-08.2022 и 11.2022- најмногу алкани со n=10-14 C атоми) и ароматични јаглеводороди (следни по застапеност 01.2022-08.2022 и 11.2022, најзастапени во 09 и 10.2022- BTEX и C6-C3 бензени), нивни деривати (естери, кетони, хетероциклични соединенија), терпени (најмногу кај комунална депонија).
Научниот придонес на ова истражување е зголемување на фондот на знаења во врска со аналитичкиот пристап за земање, подготoвка и анализа на примероци од испарливи и полуиспарливи органски соединенија во воздух и нивен мониторинг, како и обезбедување на релевантни податоци за присуството на овие типови соединенија во воздухот во Скопје. Дополнително, ефикасниот мониторинг на квалитетот на воздухот ќе има големо значење за преземање на дополнителни мерки за подобрување на квалитетот на воздухот во урбаните средини, заштита на животната средина и здравјето на сите живи организми
2. Планинските тресетишта на Шар Планина – дом на еволуцијата на Балканот
Раководител: Марија Тренчева
Финален извештај: Тресетиштата на Балканот се ретки екосистеми изолирани на високите планини, но се сметаат за многу значајни заради високата биолошка разновидност претставена со ретки, реликтни и ендемични видови. Во Македонија, сите тресетишта се минерогени и припаѓаат на класата Scheuchzerio-Caricetea fuscae, иако конкретните фитоценози досега не се детално обработувани.
Целта на ова екосистемско истражување е добивање податоци за внесот на минерални материи со водата и нејзино влијание врз вегетацијата и малакофауната. Се истражуваат тресетишта на Шар Планина кои за повеќе еколошки карактеристики (биомаса, флористички состав, флористички диверзитет, педолошки својства, минерален состав, надморска висина и антропогени влијанија) имаат одредени сличности и разлики.
Колекционирањето на полжави беше направено според (Dedov and Antonova 2015). Лабораториската работа опфати идентификацијата според соодветна литература (Welter-Schultes 2012), а дополнително беше направена и квантитативна анализа. Подземни води беа колекционирани со пиезометри (Sprecher 1993), а хемиските анализи беа спроведени според стандардизирани методи (Allen, 1989). Нивото на водата беше следено со автоматски дата логери (HOBO U20L-04 Water Level), додека нивната обработка беше направена во HOBOware софтверот. Статистичките анализи беа направени во програмите Microsoft Excel и Statgraphic Plus Ver. 2.1.
Хемиските анализи на подземните и површински води покажаа дека се работи за олиготрофни тресетишта со висока содржина на базни катјони. Во комбинација со високата pH реакција и вредностите за кондуктивност, според хидрологијата можат да се категоризираат како екстремно богати. Значајни разлики по однос на хемискиот состав помеѓу тресетиштата не беа утврдени.
Во рамките на ова истражување беа идентификувани 16 таксони на полжави со вкупно 247 индивидуи. Тресетиштата Церипашина и Студена Река имаа сличен индекс на диверзитет на полжави (1.52 и 1.49 соодветно), додека тресетиштето во алпскиот појас Турчински Ливади имаше значајно понизок, 0.21. Воедно во ова тресетиште имаше и најголеми флуктуации во годишната анализа на нивото на водите. Првичните анализи не покажаа врска меѓу видовото богатство на полжави и хемискиот состав на водите. Сепак, со истражувањата се идентификуваше нов род на полжав за Шар Планина како и два нови вида, што укажува на потребата и за понатамошни истражувања.
Спроведеното истражување нема фундаментален научен придонес со оглед на тесниот географски опсег. Добиените резултати се со повеќе дескриптивен карактер, особено во однос на хемискиот состав на подземните и површинските води, но и на добиените сознанија за диверзитетот на малакофауната.
Резултатите ќе бидат споделени со управувачот на НП Шар Планина со цел изведување мерки за управување и зачувување. Распространувањето, искористувањето и притисоците на тресетиштата на Балканот многу се разликуваат во споредба со други делови од Европа. Па така, овие резултати можат да придонесат кон дефинирање на индикатори за ефективен и лесно спроведлив мониторинг.
3. ФЛИНДАН – Биодеградација на пестицидот линдан преку процеси на биоремедијација со филаментозни фунги
Раководител: Марија Тодоровска Ивковиќ
Финален извештај:
Линдан, (γ-хексахлорциклохексан) и неговите изомери претставуваат значајни деструктивни антропогени агенси. Овие органохлорни соединенија одлично се адсорбираат на почвените честички и се нерастворливи во вода. Историски масовно се употребувале заради што има потреба од елиминација на овој долгорочен загадувач. Оттаму потребата од пронаоѓање на апликабилен биоремедијатор.
Целта на проектот е изнаоѓање и искористување на нативно присутни микроорганизми-изолати кои имаат способност за биодеградација на линдан. Пронаоѓањето и создавањето на биодеградациски препарат од филаментозни фунги кој би можел да служи во биоремедијација на почвите загадени со хексахлорциклохексан би било клучно во елиминација на истиот.
Методологијата на проектот се основа на издвојување на микроорганизми толерантни на линдан од депониите на пестицидот линдан и околината и адаптација на изолатите. Адаптацијата на филаментозните фунги е клучна за успешноста на процесот на биодеградацијата на линдан.
Беа изолирани 35 соеви на филаментозни фунги, од кои 31 припаѓаа во групата на мувли, а 4 претставуваат класични макромицети. Сите изолати се толерантни на 200ppm HCH, односно се способни да преживеат дури над самите депонии. Во случајот на 7 од испитаните изолати, неочекувано се воочи поголем раст на концентрација од 50 ppm во споредба со 10 ppm и во споредба со 0 ppm, укажувајќи на определен стимулаторен ефект на HCH. Се испитуваше и фруктификациската способност и кај Plerotus ostreatus каде се покажа абундантна фруктификација. In vitro и in situ тестовите покажаа дека може да се постигне биодеградациски ефект од 42%.
Развивање на биоремедијатор на HCH кој потекнува од локалниот биодиверзитет би значел елиминација на антропогениот контаминант без значајно нарушување на екосистемска стабилност. Дополнително ослободувањето на обработливи површини од линдан претставува позитивен чекор кон стимулација на локалната зелена економија со цел формирање на одржлив систем на ремедијација во полза на човекот и останатите живи организми.
Усвојување на класични микробиолошки методи во пронаоѓањето на еколошки решенија на современи проблеми претставува еден синтетски чекор напред кон интердисципилинарната иднина на микробната екологија, гранка од биологијата која може значајно да допринесе до заштита на животната средина.
4. Конзервација на стено-ендемичниот реликтен вид Thymus oehmianus и субендемитот Viola kosaninii од флората на Република Северна Македонија
Раководител: Сара Цветаноcка
Финален извештај: Предмет на истражување на овој проект се стено-ендемитот и реликтен вид Thymus oehmianus Ronniger & Soska и субендемитот Viola kosaninii (Degen) Hayek, видови кои се наоѓаат на Приоритетната Црвена Листа на македонската флора. Беше оценет нивниот статус на загрозеност според IUCN методологијата и беше направена нивна ex-situ и in-situ заштита.
Општа цел: Конзервација на растителниот диверзитет преку оценување на статусот на засегнатост според IUCN методологијата и ex-situ и in-situ заштита на загрозените видови на национално и/или глобално ниво.
Методологија:
- Оценет статусот на засегнатост на oehmianus и V. kosaninii според IUCN методологијата.
- Утврдени растителните заедници и хабитатите по методологијата на Braun-Blanquet.
- Ex-situ заштита на видовите со собирање на семенски материјал и пренесување на единки во Ботаничката градина.
- In-situ заштита на видовите преку воспоставување на мониторинг површини по методологијата на Braun-Blanquet.
Најзначајни резултати:
- Емовата мајчина душичка (Thymus oehmianus) како резултат на националното оценување според IUCN методологијата е Критично загрозен вид, CR B1ab(iii, v) + 2ab(iii, v).
- Кошаниновата темјанушка (Viola kosaninii) беше проценета како Ранлив вид (VU [D2]) на национално ниво.
- Направени 10 вегетациски снимки на хазмофитска вегетација и одредена нивната синтаксономска припадност кон асоцијацијата Micromerio-Violetum kosaninii Horvat 1936.
- Направена е ex-situ заштита на двата вида преку собирање на семенски материјал, складиран во семенската збирка на Ботаничката градина и пренесени се живи единки во Објектот за аклиматизација.
Направените вегетациски снимки на вегетацијата на карпи (хазмофитска вегетација) претставуваат придонес кон проучувањето на овој тип на вегетација кој кај нас е недоволно истражен. Анализите и споредбите со веќе постоечки вегетациски снимки од хазмофитска вегетација укажаа на потребата од ревизија на веќе опишанaта асоцијација Micromerio-Violetum kosaninii Horvat 1936.
Оценувањето на степенот на засегнатост на видовите според IUCN методологијата и нивната вклученост во Црвените листи и книги е една алатка која им помага на Министерствата за животна средина да преземат соодветни мерки за нивна заштита. Во рамките на проектот направено е оценувањето на два вида кои се наоѓаат на приоритетната Црвена листа на Македонија.