Започнувањето на проектот финансиран од ЕУ има за цел да ја подигне свесноста и да ги зајакне националните капацитети за борбата против труење на диви животни на Балканот, што е една од најголемите причини за смртност и пад на популациите за бројни загрозени диви видови. И покрај тоа што труењето на диви животни е нелегално на Балканот, оваа штетна практика е сè уште присутна и претставува вистинска закана за дивиот свет, особено за мршојадците. Труењето влијае и врз животната средина и јавното здравје. Досегашните напори за заштита доведоа до голем напредок на ова поле и започнувањето на овој амбициозен проект носи нова надеж за понатамошна борба против овој проблем. Преку проектот „Балкан Детокс LIFE“, девет организации ќе работат заедно со повеќе национални и меѓународни чинители, почнувајќи од владини органи до ловци и сточари, за да се минимизира заканата и да се постигнат резултати во седум балкански земји.
„Проектот „ Балкан Детокс LIFE“ е надоврзување на Балкански проект за борба против труење финансиран од Фондацијата за заштита на мршојадци, особено на полето на обезбедување активно учество на релевантни владини институции за борба против труење диви животни. Проектот ќе овозможи продолжување на оваа иницијатива со цел справување со инцидентите со труење и значително намалување на смртноста кај мршојадците и другите погодени видови предизвикани од оваа нелегална практика во регионот “, вели Урош Пантович од Фондацијата за заштита на мршојадци и Координаторот на проектот Балкан Детокс LIFE.
Најчестиот начин на труење на диви животни на Балканот е намерното поставување на отровни мамки за убивање на диви предатори или други диви и домашни животни кои можат да нанесат штета на добиток или видови дивеч. Покрај животните кои се таргетирани, страдаат и други ранливи видови, бидејќи станува збор за неселективен начин на истребување животни. Мршојадците кои се исхрануваат исклучиво со мртви животни честопати стануваат жртви на труење- со директно конзумирање на отровна мамка или со хранење на телата на затруени животни. Честите и континуираните инциденти со труење на Балканот резултираа со 465 потврдени смртни мршојадци во текот на изминатите 20 години. Студија спроведена од Фондацијата за заштита на мршојадци проценува дека најмалку 115 мршојадци годишно умираат од труење на Балканот бидејќи само 20% од ваквите инциденти се откриени и документирани.
„Овој алармантен проблем предизвика популациски колапс, па дури и истребување на некои видови мршојадци во балканските земји, каде популациите се уште се многу мали и фрагментирани. Доколку сакаме да ги вратиме на поранешните нивоа и дистрибуција, тогаш итно е да го решиме проблемот. Мршојадците, исто така познати како екипата за чистење на природата, отстрануваат мрши од дивината, при тоа помагаат да се одржат здрави екосистеми, бидејќи тие дејствуваат како природни рециклирачи и обезбедуваат бесплатни услуги за екосистемите, дивиот свет и општеството како целина! “, вели Хозе Таварес, директор на Фондацијата за заштита на мршојадци.
Проектот Балкан Детокс LIFE има цел да го промени однесувањето и перцепцијата на повеќе чинители – од донесувачите на одлуки до пошироката јавност и оние кои се служат со отровни мамки. Проектниот тим ќе ја подигне свеста за сериозноста на труењето на дивиот свет, но и ќе предложи безбедни алтернативи на всуштинскиот проблем (конфликт меѓу човекот и дивите животни), како што се превентивните мерки кои не наштетуваат на животните или на околината. Понатаму, ќе се работи на зајакнување на оперативните капацитети но и координираноста на институциите со цел зголемено откривање и подобрено управувањето со инциденти со труење, ефективен одговор на ваквите инциденти, како и воспоставување мехнизми за спречување. Конечната цел е да се минимизира обемот на труењето на диви животни на Балканот, и со тоа да се обезбеди заштита на природата и луѓето!
„Нелегалното труење на дивиот свет е еколошки криминал и како такво, потребно е соодветно вклучување на властите при регистрација, истрага и казнување на овие активности. Овој проект ќе соработува заедно со владините органи за да го постигнеме токму тоа”, вели Јован Андевски, менаџер на Програмите за заштита во Фондацијата за заштита на мршојадци.
„Нелегалното труење веќе предизвика целосно истребување на црниот и брадестиот мршојадец од нашата држава во последните неколку децении. Во моментов, отровните мамки претставуваат најголема закана за преостанатите два вида мршојадци кои живеат во нашата земја: египетскиот и белоглавиот мршојадец. Ние сме среќни и возбудени што ќе започнеме да го решаваме проблемот на институционално и локално ниво, и да бидеме вклкучени во меѓународна мрежа на партнери. Очекуваме нашите напори да придонесат кон опоравување на популациите на диви животински видови кои се засегнати од оваа штетна пракса.” (Ненад Петровски, Раководител на Проектот од Македонско еколошко друштво).
Проектот „Балкан Детокс LIFE“ кој ќе се проведува 5 години, доби средства од Програмата LIFE на ЕУ, и е кофинансиран од Фондацијата за заштита на мршојадци , фондацијата МАВА и Еуронатур, како и од Витли Фонд за заштита на природата, и Фондот за животна средина и снергетска сфикасност. Тој ќе се спроведува низ Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Грција, Северна Македонија и Србија. Водечки партнер на проектот е Фондацијата за заштита на мршојадците, додека како национални партнери се јавуваат Македонско еколошко друштво, Албанското орнитолошко друштво, Здружението БИОМ, Друштво за заштита и истражување на птици на Србија, Фонд за дива флора и фауна, Грчко орнитолошко друштво, Орнитолошко друштво НАШЕ Птице и Здружение за заштита на природата во Албанија. Понатаму, овој проект се заснова на доброто искуство на шпанските власти, и добиена е поддршка од Хунта де Андалусија и Министерството за еколошка транзиција и демографски предизвик.