Дивиот костен е впечатливо и прекрасно листопадно дрво. Обично достигнува височина од околу 12 метри и широчина на крошната од околу 8 метри. Иако е брзорастечко дрво, за да ја постигне крајната височина и големина сепак му се потребни 20 до 50 години.
Името коњски костен доаѓа од латинското име Aesculus hippocastanum, односно префиксот „hippo-“ значи коњ, па оттука и името. Причина зошто ова дрво го носи името на коњот e поради лузната која листот ја остава на гранката кога ќе падне, која многу потсетува на потковица. Вториот дел од името на видот – „castanum“, упатува на неговата блиска сличност со вистинските костенови дрвја кои припаѓаат на родот Castanea. Но сепак ова е негов погрешен идентитет како костеново дрво, и тој строго им припаѓа на членовите на родот Aesculus, што укажува на нивна далечна сродност.
Друга причина за името коњски костен е поради тоа што маслото кое се наоѓа во семето се користи за полирање на копитатa и сјајност на долниот дел на нозете на коњите.
Иако дивиот костен кај нас често може да го сретнете по парковите и градините како култивирано растение, сепак тој природно има многу ограничено распространување на Балканскиот Полуостров и во Jугоисточна Европа. Кај нас природно се развива само на неколку места, и тоа по клисурата на Црн Дрим или Дреночка Река, и во подрачјето Суви Дол, по течението на Суводолечка Река. Се вбројува во групата на национални ендемични растенија. На европско ниво, според Меѓународната унија за зачувување на природата (IUCN), овој вид има ранлив статус, а кај нас се среќава во фрагментирана популација која е во опаѓање. Поточно, ранливоста на овој вид како и на сите останати ранливи видови може да премината во загрозени, доколку не се подобрат условите за нивниот опстанок и размножување.
Коњскиот костен претставува и уникатно живеалиште и домаќин на други живи организми. Сепак, дивиот костен може да биде смртоносен поради присуството на токсинот ескулин кој најмногу го има во семето. Овој токсин може да предизвика повраќање, гадење, зголемување на зениците, парализа, дијареја, слабост на мускулите и треперење, проблеми со бубрезите, кома, па дури и фаталност доколку се проголтани поголеми количини.
Ова дрво си има своја историја и слава. Имено, дивиот костен е дрвото кое пред многу години ѝ обезбедило засолниште за Ана Франк додека се криела од нацистичкиот режим. Низ нејзиниот дневник, таа честопати ја опишува својата воодушевеност од величественоста на ова дрво.
Има голема и раскошна крошна која го прави едно од најдобрите дрвја за сенка. Листовите се карактеристични, и имаат спротивно поставени на лисната дршка, 5 до 7 листови кои се назабени на краевите. Дивиот костен цвета во мај, формирајќи големи соцветија со голем број бели цветови, со жолти и црвени дамки, а кон крајот на август и почетокот на септември, дрвото ги испушта созреаните плодови. Цветовите имаат прекрасен мирис со кој ги привлекуваат пчелите кои вооедно и го опрашуваат растението. Понекогаш цветните соцветија можат да достигнат и големина на стапало од човек.
Најкарактеристичниот белег на оваа дрво се неговите плодови кои се сместени во плодни топчиња (кутијки) кои од надворешната страна имаат боцки. Секоја плодна кутијка содржи еден или два плода. Плодовите паѓаат на есен, и со самиот удар од земјата кутијките напукнуваат и така ги ослободуваат плодовите. Тие се одличен извор на храна за многу шумски животни, тие не се јадливи, но се лековити за луѓето.
Се смета дека кој наесен ќе го собере првиот плод од див костен ќе го прати среќа во претстојниот период.