Средни грантови (2022-2023)
Во текот на 2022 и 2023 година беа реализирани два истражувања како дел од Програмата за поддршка на млади еколози „Д-р Љупчо Меловски“. Во продолжение ви ги претставуваме кратките резимеа на [...]
На почетокот на 2020 година МЕД отвори повик за мали грантови при програмата за поддршка на млади еколози „д-р Љупчо Меловски“ при што беше оформена независна научна комисија и онлајн платформа за апликации. Добивме 19 апликации со висок квалитет, од кои 11 имаа исклучиво силна научно-истражувачка компонента и успешно го пројдоа процесот на селекција. Со оглед на малото искуство на младите грантисти, пандемијата предизвика вистинска хаварија. Сепак, повеќето проекти (осум) продолжија, додека пак три беа одложени за следната година. И покрај малото одложување заради почеток во голема неизвесност на почетокот на месец март, сите извештаи, заклучно со завршните беа навремено доставени или со многу кратки одложувања. За жал, раководителите не можеа да ги презентираат своите резултати пред публика во живо заради пандемијата, но настанот сепак беше организиран виртуелно. Искуството сепак беше позитивно, особено со оглед на тоа дека на овој начин можеби и многу поширока публика имаше рпилика да го проследи овој настан и да ја посведочи неуморната работа на овие млади истражувачи во текот на година полна предизвици (може да ги видите презентациите на следниот линк: https://fb.watch/4f5Z9Wi_kl/) . Следат куси резимеа од проектите, како и линкови до нивните целосни завршни извештаи:
Резиме на проектот: Со повеќе од 63000 опишани видови, краткокрилците (Coleoptera: Staphylinidae) ја претставуваат најразновидната фамилија тврдокрилци (Coleoptera). Тие ги населуваат речиси сите терестрични екосистеми и служат како индикатори за антропогеното влијание на природните екосистеми. Податоците за разновидноста и дистрибуцијата на краткокрилците на Шар Планина се многу оскудни. Потврдено е присуството на само 36 видови. Целта на овој проект е да се прошират знаењата за разновидноста и дистрибуцијата на краткокрилците и нивната преференца кон хабитати што е од особена важност за вредноста на природното наследство и има примарна важност во однос на заштитата на природата.
Опис на проектот: Податоците за разновидноста на краткокрилците на Шар Планина се многу оскудни. Од преглед на литературата може да се заклучи дека има многу малку информации во врска со присуството, разновидноста и дистрибуцијата на краткокрилците на Шар Планина. Во објавените трудови, се посветува внимание скоро исклучиво на нови и / или ендемични видови на Шар Планина. Дури и за ендемичните видови, познати се само фрагментарни податоци за нивната дистрибуција. Недостатокот на податоци за разновидноста, дистрибуцијата и популацискиот статус на видовите, сериозно ја ограничува можноста за зачувување на биолошката разновидност во период на масовно истребување на живиот свет. Уште една пречка за зачувување на разновидноста на краткокрилците е фактот дека постои мал стручен капацитет во областа. Може да заклучиме дека поради комплексноста, високата стапка на диверзитет на групата, како и недостатокот на експерти и литература не постојат обемни истражувања поврзани со фауната на краткокрилците. Овој проблем е директно поврзан со стратешките цели наведени во Националната стратегија за биолошка разновидност на Македонија (2018 – 2023). Дополнително, Шар Планина претставува предлог заштитено подрачје со висока природна вредност, за кое е изработена студија за валоризација во која е експлицитно наведено дека фауната на Шар Планина “не е добро истражена”.
Резиме на проектот: Високопланинските тресетишта во Македонија се фрагилни екосистеми кои имаат големо разнообразие и вклучуваат ендемични, ретки и загрозени растителни видови. Најголеми и најбројни се на Шар Планина, но спецификите на нивната екологија се многу малку истражени. Во проектот ќе бидат истражени три шумски тресетишта на Шар Планина. Ќе се добијат податоци за основни еколошки процеси и биомасата, флористичкиот состав, физички и хемиски педолошки својства и бројност на определени групи микроорганизми. Во интегрирана целина ќе се поврзат различни компоненти на овој тип екосистеми, со што ќе се обезбедат први, научни податоци во нашата држава за нивната структурно-функционална организација.
Опис на проектот: Високoпланинските тресетишта од бореалната зона во Централна Европа покриваат големи површини, додека во Јужна Европа се ретки и расфрлани при што најчесто се стари, развиени под динамични климатски услови. Како последица на тоа, во овие фрагментирани станишта има многу различни растителни заедници, кои имаат големо видово богатство, како и ендемични, ретки и реликтни видови (Moen et al. 2017). Во Македонија се појавуваат на надморска висина над 1300 m. Најрепрезентативни со вакви тресетишта се Шар Планина, Јакупица и Осоговските Планини (Melovski and Matevski 2017). Најголемите се наоѓаат на Шар Планина каде се и најбројни. Сепак, спецификите за нивната екологија, клучни во разбирање на процесите кои се одвиваат во нив, но и во проценката на потенцијалните екосистемски услуги кои овие чуствителни екосистеми можат да ги обезбедат, се сѐ уште непознати. Од прегледот на достапната литература може да се заклучи дека на целиот Балкански Полуостров не се вршени комплексни еколошки истражувања туку само неколку фитоценолошки истражувања.
Првите екосистемски истражувања на оваа тема во Македонија ги спроведовме во 2018 и 2019 година со истражување на основните еколошки карактеристики на високопланинските алкални тресетишта на Шар Планина со што се генерираа фундаментални податоци кои иницира потреба за дополнителни истражувања во соработка со поискусни истражувачи од областа од европските земји.
Резиме на проектот: Демирхисарскиот регион се карактеризира со присуство на извори, реки, потоци, пештери, блата кои се недоволно проучени, а за дијатомеите скоро и да не постојат податоци. Дијатомеите се биоиндикатори за еколошките состојби, како загадување, еутрофикација и климатските промени. Истражувањето ќе придонесе за валоризација на водни станишта со цел да се предложат локалитети за евентуална заштита во регионот, но и за биомониторингот базиран на дијатомеите. Со проектот би се определиле референтни станишта со висок потенцијал. Особен придонес ќе биде даден во проучувањето и можната заштита на изворишните региони на реките и на влажните станишта (тресетишта, бари, блата и влажни карпи, мовови).
Опис на проектот: Црна Река претставува најдолгата десна притока на Вардар. Истата извира од изворот Црна Дупка во близина на Железнец во Демирхисарскиот регион. Во овој регион се присутни поголем број на притоки на реката, за кои воопшто нема информации за составот на живиот свет, вклучувајќи ги и дијатомеите. Дијатомеите се едноклеточни, фотосинтетски организми и важна компонента во основата на синџирот на исхрана. Тие се одговорни за 20% од глобалната фиксација на јаглерот. Служат како индикатори за еколошките состојби, вклучувајќи ги нивото на загадување, еутрофикација и особено климатските промени. Според сценаријата за климатските промени ќе настане значително намалување на водните талози во Северна Македонија со што изворишните региони и влажните станишта ќе бидат силно погодени и е возможно нивно исчезнување. Потребата за питка вода секојдневно се зголемува и за таа цел сè повеќе извори се зафаќаат што доведува до значителна модификација на стаништата. Во досегашните истражувања во Македонија и Европа се утврдени бројни ретки и специфични видови, за кои се претпоставува дека се силно загрозени. Имајќи предвид дека во регионот на Демир Хисар постојат разновидни водни и влажни станишта кои не се целосно (некои и воопшто) проучени, се наметнува потребата за проучување, валоризација и предлагање на мерки за заштита на истите.
Резиме на проектот: Планината Кожуф се карактеризира со голем број на влажни и водни станишта од кои голем дел се со минерален состав. Според досегашните истражувања утврдено е дека овој предел изобилува со разновиден и уникатен биодиверзитет во моментов ниту едно подрачје не е ставено под заштита. Сепак, податоците за видовиот состав и степенот на засегнатост на видовите се парцијални и се однесуваат само на одделни родови или видови комплекси. Целта на овој проект ќе биде преку проучување на дијатомеите да се валоризираат значајни локалитети и истите да се предложат или поткрепи посточкиот предлог за заштита на локалитетите на Кожуф.
Опис на проектот: Планината Кожуф се карактеризира со голем број разновидни водни станишта како планински трестишта, бари, извори, потоци, реки, минерални извори. Планината се карактеризира со голем висински распон и разновидна геологија што овозможува развој на разновидна флора и фауна. Во досегашниот период, дијатомеите од Кожуф се анализирани во неколку студии кои се однесуваат на определување на таксономијата на поединечни родови или видови комплекси (Pavlov & Levkov 2013a, Pavlov et al. 2016) или нивната морфолошка (Levkov et al. 2016) или филогенетска поврзаносt (Stelbrink et al. 2018). Тоа резултира со опишување на неколку нови видови од Gomphonema (G. angusticlavatum, G. confusum G. kozufense, G. modicum), Eunotia (E. pseudominor) и Amphora (A. alpestris), и регистрирање на ретки видови (Stauroneis prominula, S. lauenburgiana, Eunotia glacialifalsa, Mastogloia dansei). Истражувања на блиската планина Ниџе (Levkov et al. 2005) укажуваат на голем диверзитет и присуство на потенцијално нови видови. Сепак, голем дел флората на дијатомеи на планината Кожуф останува непозната.
Основната цел на проектот е да се определи вкупниот диверзитет на дијатомеи на Кожуф и нивните еколошки и биогеографски преференци и степен на загрозеност. Со помош на овие анализи ќе биде определен и степенот на загрозеност на одделните водни и влажни станишта на Кожуф.
Резиме на проектот: Сапроксилните тврдокрилци се карактеризираат со тесна приврзаност кон старите, добро сочувани шумски екосистеми, каде се вклучени во процесите на распаѓање на мртвата дрвесина, а тоа ги прави одлични биоиндикатори за проценка на степенот на нивна заштита.
Со цел проучување на нивниот диверзитет и дистрибуција ќе бидат спроведени теренски истражувања во седум различни локалитети, односно хабитати: три на планината Јабланица и по два на крајбрежјето на реките Црн Дрим и Радика. Колекционирањето на материјалот ќе се врши со рачно пребарување (ларвени форми под кората на дрвјата) и примена на методите на висечки и интерцепт замки, а активностите ќе се спроведуваат со месечна динамика во периодот март-септември. Резултатите од ова истражување ќе ги збогатат сознанијата за диверзитетот и дистрибуцијата на сапроксилната тврдокрилна фауна во рамки на истражуваните локалитети, но и пошироко на територијата на Р. Македонија.
Опис на проектот: Сапроксилните тврдокрилци се група на организми кои со својот животен циклус се врзани за живите, мртвите дрвја и дрвјата во изумирање. Вклучени се во процесите на распаѓање на дрвесината и се зависни од тие процеси, па како такви имаат главна улога во процесите на разградување и рециклирање на материјата во екосистемот (Alexander, 2008).
Разнообразието на овие тврдокрилци зависи од квантитетот и квалитетот на мртвата дрвесина, од големината на шумскиот екосистем, како и од степенот на фрагментација и неговото неконтролирано стопанисување (Nieto и Alexander, 2010).
Добро сочуваните шумски екосистеми претставуваат живеалиште и главен извор на храна за сапроксилните тврдокрилци, од друга страна пак, информациите за нивното разнообразие и дистрибуција се мошне важни во процесите на идентификација на добро сочувани, стари шуми со високи природни вредности.
За жал, бројот на фаунистички истражувања кои се однесуваат на сапроксилната тврдокрилна фауна во Република Македонија е многу мал, а повеќето најдени податоци датираат од постара литература, во која локалитетите не се прецизно наведени.
Резиме на проектот: Видот Ophioglossum vulgatum е реликтен папрат кој на Кожуф е познат на два локалитети. Неговите популации имаат мал број видови и се развиваат на ограничени површини. Видот населува блатни станишта, кои при антропоген фактор, може да се фрагментираат, а со тоа и да дојде до исчезнување на некои од популациите на видот. Целта на овој проект е да се утврди присуството на видот на веќе постоечките наоѓалиштата на Кожуф, да се направи обид за наоѓање на нови локалитети, да се изврши проценка на актуелните и на потенцијалните закани за видот и да се предложат мерки за негова заштита.
Опис на проектот: Фамилијата Ophioglossaceae е реликтна група на папрати и во флората на Македонија е застапена со два вида. Видот Ophioglossum vulgatum во Македонија се наведува за неколку локалитети во струмичко, прилепско, гевгелиско, на планините Китка и Јакупица.
Според литературните податоци, видот Ophioglossum vulgatum не се наведува за планината Кожуф, меѓутоа постојат хербариумски податоци (MKNH) за локалитетите Асан Чешма и Алчакот.
Видот Ophioglossum vulgatum засега не се наоѓа на некоја од листите на заштитени видови, како на меѓународно, така и на национално ниво. Меѓутоа, ова растение заслужува далеку поголемо внимание од најмалку три причини: се работи за реликтно растение кое е припадник на таксономска група со големо филогенетско значење; второ, иако се сретнува на неколку места во Македонија, неговите популации имаат мал број видови и се развиваат на ограничени површини; трето, видот населува влажни и блатни живеалишта, кои се многу често на изложени на различни антропогени нарушувања, со кои многу лесно може да дојде до фрагментирање, па дури и целосно исчезнување на некои од популациите на видот.
Од овие причини, сметаме дека е неопходно да се започне со истражување на состојбата со загрозеноста на популацијата на видот и со преземање мерки за негова заштита.
Резиме на проектот: Споменикот на природа ,,Маркови Кули” во последно време е доста актуелен и во јавноста и кај научната фела, поради тоа што се подготвува досие за негова номинација во постојаната листа на светско наследство при УНЕСКО. Со овој предлог-проект ќе се направи утврдување на хабитатите, преку правење на вегетациски снимки, со кои ќе се одредат фитоценозите. Исто така ќе се врши и проценка на козервацискиот статус што на крај ќе резултира со давање на предлог мерки за заштита на живеалиштата, растителните заедници и ретките и ендемични видови кои се наоѓаат на територијата на овој локалитет, кој ќе биде цел на истражување.
Опис на проектот: СП ,,Маркови Кули” е значајно флорно-вегетациско подрачје кое е сеуште недоволно истражувано од флористички и вегетациски аспект. Во рамките на овој предлог-проект е предвидено преку фитоценолошките истражувања, кои ќе бидат преземени да се приложи еден преглед на значајни хабитати кои се простираат на истражуваното подрачје, како и флористички преглед, односно список на таксони кои се развиваат во рамките на тие хабитати. Во овој период доста е актуелно ова подрачје и во медиумите и кај научната фела, бидејќи во тек е постапката за негова номинација во постојаната листа на светско наследство при УНЕСКО. СП ,,Маркови Кули” претставува еден од најзначајните центри на ендемични растенија во Република Македонија. Одделни растителни видови од подрачјето на СП ,,Маркови Кули” се вклучени на Светската црвена листа на загрозени видови на Меѓународната унија за заштита на природата (IUCN)(IUCN Global Red List (Walter & Gillett 1997), како и на Приоритетната листа на флората на Република Македонија (2019). Meѓутоа, се поголемиот број на посетители и развојот на туризмот, предизвикува голем притисок и закана како и деградација на СП ,,Маркови Кули”. Во тој поглед, целта на овој проект е, преку утврдување на хабитатите и флористички преглед, да се подобрат механизмите за управување со ова заштитено подрачје, со воведување на заштитни мерки и систем за мониторинг.
Резиме на проектот: Овој проект ќе овозможи подобро разбирање на аерозагадувањето како комплексен проблем на кој треба да му се пристапи систематски и со многу сериозни анализи. Целта на ова научно истражување е да се воспостават методи за одредување на полуиспарливи и испарливи органски соединенија во воздухот, да се детектираат и да се следат континуирано за да се утврди нивното потекло и варијации. Ќе се испробаат неколку методи за земање на примероци кои вклучуваат филтри за пасивна дифузија во точно дефинирани временски и просторни интервали. Кон нивна квалитативна и квантитативна анализа се пристапува преку метод на гасна хроматографија спрегната со масена спектрометрија.
Опис на проектот: Кога се зборува за загадување на воздухот вообичаено е да се следи концентрацијата на суспендираните честички. Овие честички претставуваат смеса од цврсти и течни супстанци со широк опсег на големина и хемиски состав. Во составот на суспендираните честички влегуваат обична прашина, различни неоргански гасови како SO2, азотни оксиди NxOy, NH3, но и една голема група на испарливи органски соединенија (volatile organic compounds – VOC).
Испарливите органски соединенија имаат особено негативно влијание врз екологијата и живиот свет. Изложеноста на емисија на овие супстанци може да има долгорочни последици по здравјето поради нивната способност да реагираат со молекули од воздухот и да образуваат тропосферски озон. Тропосферскиот озон допринесува до зголемен морталитет од респираторни болести.
VOC можат да дојдат во атмосферата преку употреба на течни горива, системи за греење кои користат нафта (бензен, ксилени, толуен), дрво, пелети (формалдехид), градежни материјали (бои, лепила), потрошувачки производи за чистење (трихлороетан, нафтени дестилати), дезодеранси (дихлоробензен) итн.
Ситуацијата во Македонија, особено во Скопје, е посериозна бидејќи поради нискиот животен стандард, населението е приморано да користи речиси сè што гори (пластика, гума, дрва, дрвена граѓа, нискоквалитетни горива со висок процент на сулфур итн.) како извор на топлина и енергија. Поради сето ова, потребно е што поскоро да се дејствува.