На 9ти февруари 2012 год. во хотелот „Карпош“ во Скопје со почеток од 10 часот, се одржа состанок на тема: Осогово и потенцијалите и можностите за воспоставување на заштитено подрачје во осоговскиот регион.

Заради навремено  усогласување на ставовите и насоките за успешно спроведување на процесот за воспоставување на заштитено подрачје во регионот, на состанокот преку отворена дискусија, транспарентно се разговараа насоките и ставовите помеѓу чинителите на локално и државно ниво. На состанокот покрај членовите на Координативното Тело за управување со процесот за воспоставување на заштитено подрачје на Осоговсвите Планини (КТ), присуствуваа и високи и претставници од засегнатите Министерства и Владата на Република Македонија.  Активното учество на состанокот од клучните страни на национално ниво беше од исклучително значење за идниот развој на осоговскиот регион и зајакнување на соработката во полето на заштитата на природата, како и во дефинирање на следните чекори во процесот на прогласување заштитено подрачје во регионот.

Разгледана беше можноста за воспоставување на Заштитен предел – Категоријата V на Осоговските Планини и можноста за назначување на овој регион како биосферен резерват.  Бидејќи се заклучи дека Осогово ги исполнува основните критериуми за модерен биосферен резерват, оваа можност отвори една нова врата за сите нас. Воспоставувањето на биосферен резерват во источниот дел од Република Македонија е ново искуство за нас, за регионот и државата во целина. Сите присутни се согласија, дека досегашните резултати од проектот се доволно добра основа за успешно спроведување на оваа иницијатива. Локалните власти од регионот се подготвени да ги разгледаат сите предности и слабости и да се соочат со предизвиците во однос на успешно воспоставување на биосферен резерват на Осоговските Планини. Сите клучни институции се спремни да го олеснат патот кон успешно спроведување на овој  процес на државно ниво.

Националната Комисисја за УНЕСКО е стратешки партнер во спроведувањето на овој процес и тие ја изразија својата подготвеност да го поддржат овој потфат. Ова не охрабрува да продолжиме и понатаму да го водиме овој процес  кон неговото успешно спроведување.

Start typing and press Enter to search