Дојран – голем хотел за луѓе и птици!

Група на средношколци од Дојран и околината заедно со заинтересираното локално население преку туристичка прошетка в недела на 11 мај ги набљудуваа птиците и научија нешто повеќе за значењето на птиците преселници.

Настанот е дел од прославата на Светскиот ден на птиците преселници којшто се одбележува во мај осма година по ред. Преку него се истакнува потребата за заштита на птици преселници и нивните живеалишта. Годинава ќе се организираат над 200 јавни настани низ целиот свет и тие ќе вклучуваат фестивали за птици, едукативни програми и екскурзии.

Оваа година темата на светската прослава е „Птиците преселници и туризмот“ и ги истакнува врските меѓу заштитата на птиците преселници и развојот на локалниот еко-туризам.

– Дојран е препознаен како клучно подрачје за биолошка разновидност и спектакуларните движења на птиците преселници може во иднина да привлечат туристи од земјава и странство. Оваа Општина има голем потенцијал за развој на еко-туризам кој ќе вклучува набљудување и фотографирање на птици, активности кои ќе бидат корисни за дивиот свет, локалното население и туристите, изјави Ксенија Путилин, асистент на проектот за едукација и градење на капацитети на Дојранското Езеро од Македонско еколошко друштво.

Настанот е организиран од страна на МЕД во соработка со Општина Дојран.

Изјава на г-дин Бан Ки-мун, генерален секретар на Обединетите Нации по повод Светскиот ден на птиците преселници:

„Целосно ја подржувам глобалната кампања да се покрене свеста за заканите на птиците преселници како уништувањето на живеалиштата, прекумерната експлоатација, загадувањето и климатските промени. Повикувам на поголеми интернационални напори да се заштитат птици преселници и мрежата на живеалишта која ним им се потребна за да преживеат, како важен дел од животната средина од која сите зависиме“, г-дин Бан Ки-мун, генерален секретар на ОН.

Почнете да пишувате и стиснете Enter за да пребарате