Костенот бил познат во Кина и Јапонија долго време пред римските легии да го донесат во Европа. Можеби затоа најстарите костенови дрва, со старост проценета на 2000 до 4000 години, се наоѓаат на вулканската планина Етна на островот Сицилија. Денес костенот е најраспространет во Јужна Европа и на Медитеранот и веројатно, според научниците, почнал да се шири во Европа преку Грција. Постои легенда која вели дека грчката војска за време на повлекувањето од Мала Азија во 401 година п.н.е. преживеала благодарение на костените. Оттогаш, костените се пoстојано присутни на трпезите ширум светот.

Костенот е големо дрво со бујна голема крошна кое расте брзо и може  да нарасне до 23 метри и да достигне старост преку 500 години. Листовите на костенот се долгнавести петопрсни поставени на долги дршки. Од листовите и лушпите на костенот се произведува шампон. Од стеблото на дрвото се изработуваат мебел и огради, а во Италија од него се прават и буриња. Костенот доцна цвета, па во есенскиот период е главен извор на полен и нектар за пчелите. Костеновиот мед е многу лековит, помага при гастритис, го штити црниот дроб и придонесува кон подобра циоркулација во организмот.

Плодот на костенот се нарекува исто така костен. Тој е со темно-црвена кафена  боја и со мазна површина, а рaсте во бодликава обвивка која пука во есен кога плодот е зрел.  Едно дрво на костен, годишно може да даде и повеќе од 200 килограми плод. Треба да се прави разлика помеѓу плодовите на дивиот и питомиот костен. Додека питомиот костен е вкусен и е вистински деликатес, дивиот костен не е за јадење, но е лековит и од него во фармацевтската индустрија се приготвуваат креми, тинктури и други медицински препарати.

Плодот на питомиот костен е исклучително хранлив и со право уште се нарекува и “плод на боговите”. Содржи мало количество на масти, а главна состојка е скробот поради што од костенот се прави и брашно. Плодот на костенот содржи витамин Ц, а покрај него во плодот ќе ги најдете и витамините Б1, Б2 и Б6 како и фолната киселина.

Костенот ги пленел луѓето уште од древните времиња. Многу римски писатели и филозофи пишувале за костенот како Плиниј постариот, Вергилиј и Овидиј, а костенот можете да го најдете и во делата на старите грци како Хомер, Ксенофан и Хипокрит.  Колку плодот на костенот бил хранлив, знаеле и Французите кои во средниот век, на сиромашните луѓе им го делеле за време на празникот Свети Мартин. И ден-денес има многу места каде костенот е ценет, па така листот од костен е симбол и главен сувенир на градот Бањалука.

Костенот може да се јаде варен, печен или во форма на пире. Печени костени се продавале на улиците во Рим уште во 16 век. Денес во Скопје, како и во многу други метрополи можете во есен да го почуствувате специфичниот мирис на печен костен на градските плоштади. Во Тоскана, традиционално костени се јадат на Денот на Свети Симон. Брашно од костен се користи во многу тоскански рецепти како додаток на палента, благиот леб, бисквити, колачи, супи па дури и како додаток во подготовката на сладолед. Американците традиционално на Денот на благодарноста, мисирките ги полнат со пире од костен. А ако патот ве наведе во Италија или Франција, обавезно пробајте ги вкусните слатките “Marron glace”, кои се всушност карамелизирани костени варени во овошен сируп.

Почнете да пишувате и стиснете Enter за да пребарате