Белиот нуркач (Mergellus albellus) е избран за птица на зимскиот цензус на водни птици, организиран од тим на  на професионалци и волонтери на МЕД, којшто се одржа на 17 и 18 јануари. За време на цензусот беа избројани над 40 000 птици од 34 различни видови на 7 локалитети. Се броеше на Охридското, Преспанското и Дојранското езеро, на акумулациите Мантово (кај Радовиш) и Младост (кај Велес), браната Паљурци и блатото Ѓол близу селото Богородица (гевгелиско).

Белиот нуркач, Mergellus albellus како добитник на титулата птица на зимскиот цензус ќе биде официјалната маскота на следните активности поврзани со птици на МЕД во 2015 година.

Покрај собирањето на научни податоци, целта на зимскиот цензус е да ја зајакне и прошири групата волонтери кои се заинтересирани за проучување и набљудување на птици. Годинава на зимскиот цензус учествуваа дванаесет волонтери кои се запознаа со зимските преселни видови птици.

Броењето на птици се врши од претходно одредени локалитети (водни екосистеми кои птиците преселници ги користат за време на нивната преселба), со помош на двогледи и телескопи. На секој воден екосистем се одбираат локалитети кои овозможуваат што поголема покриеност на водната површина каде се врши набљудувањето.

„Работењето на терен за време на зимскиот цензус е секогаш предизвик поради променливите и неповолни климатски услови – ладно време, снегови, мраз, или како оваа година, дожд. Сепак, ако видливоста над езерските води е добра, работата мора да продолжи бидејќи нашиот тим работи во координација со тимовите од Грција и Албанија и сите зависиме едни од други за да добиеме добри податоци. Наша голема предност беше тоа што имавме сериозни и посветени волонтери, па цензусот успешно се спроведе.“ – изјави Ксенија Путилин од МЕД.

„ Стандардната методологија на зимскиот цензус подразбира придржување кон претходно дефинирани време, период од годината и локации на истражување и броење. Ова е од клучно значење со цел цензусот да има научна (статистичка) важност, т.е. преку евиденција на зимските птици преселници и нивната бројност долж нивните преселни патишта се дефинираат трендовите на нивните популации. Дефинирање тренд на популацијата на некој вид бара долгогодишно набљудување и собирање податоци. Сите флуктуации во трендовите на популациите на видовите се показатели за некакви промени (достапност на храна, промени во живеалиштата, загадување на животна средина итн.) рефлектирани преку бројноста на набљудуваните видови птици. Што поголема покриеност на водните екосистеми на територија на Македонија, толку порепрезентативни се нашите податоци. Оттука, улогата на волонтерите кои се вклучени во цензусот е навистина значајна.“ – изјави Данка Узунова, национален координатор на зимскиот цензус за Македонија.

Зимскиот цензус на водни птици (IWC – International Waterfowl Census) е меѓународна активност координирана од Wetlands International и Конвенцијата за преселни видови(Convention of Migratory Species – CMS) иThe African-Eurasian Migratory Waterbird Agreement (AEWA) се спроведува од 1967 година на повеќе од 25.000 локации во повеќе од 100 држави. Во секоја држава националните координатори соработуваат со мрежа на професионални и аматерски бројачи. Повеќе од  15.000 луѓе годишно испраќаат податоци и затоа цензусот претставува пример за граѓански активизам во научни цели со најголем број учесници.

Впечатоци на дел од волонтерите на зимскиот цензус:

„Многу добро си поминав на цензусот, се изненадив колку видови на птици може да се видат во само два дена. Навистина би сакал да учествувам повторно и догодина.“ – Никола

“За мене ова беше одлична можност да се запознаам со начинот на спроведување на еколошки мониторинг и да научам нови нешта.“ –  Андреј

„Иако веќе четврти пат учествувам на овој цензус, секоја година е поинаква и посебна. Секогаш има многу интересни птици, а јас секоја година поуспешно ги препознавам.“ – Бисера.

„Воодушевен сум од цензусот, навистина имаше што да се види. Среќен сум што имав можност да се запознаам и да се дружам со нови  луѓе.“- Горан

PicMonkey Collage

Почнете да пишувате и стиснете Enter за да пребарате