Липа или на латински “Tilia” опфаќа околу 30 различни видови широко распространети на улиците и парковите низ целата северна хемисфера на планетата Земја. Во Македонија растат три вида липи крупнолисна (Tilia plathyphyllos), ситнолисна (Tilia cordata) и сребрена (Tilia tomentosa). Липата е атрактивно дрво со голема крошна и идеално за урбани средини, бидејќи е толерантно на различни услови вклучувајќи ја и загаденoста на воздухот. Можеби затоа, една од најпопуларните улици во Берлин, познатата како улицата “Под липите”, засадена е со дрвореди од липи. Ова дрво кое веднаш ќе го препознаете според листовите во форма на срце, може да живее по неколку стотици години и да достигне висина од 20-40 метри.

Денес нема кој не сака и не пие чај од липа. Но, својствата на липата биле познати уште во древните времиња. Липата била свето дрво кај старите Словени, кои верувале дека таа ги чува од несреќи, уроци и дека лечела многу болести. Според преданијата, уште пред нашата ера, тие ги почитувале липовите шуми како божество во кое вршеле обреди, принесувале жртви, собирале мед и восок. Дури и кога ја напуштиле својата стара татковина, тие продолжиле да ја почитуваат липата и ја саделе секаде каде што можеле. Гранки од липа ставале на покривот од своите домови да ги штитат од зло, урок, пожар, па дури и од удар на гром. За нив липата била заштитничка на браковите, бидејќи верувале дека во крошната на липата живее божицата Вида, заштитничка на брачната слога и љубовта. Верувале и дека сечењето на липата носи несреќа, па оној кој што ќе исече стебло, за да си ги симне гревовите мора на исеченото стебло да принесе жртва од некое животно.

insider51Липата има посебно место и во германската древна историја. Локалното население не само што правело прослави и играле околу липата, таа дури служела под нејзината крошна да се одлучува за правдина. За многумина липата била поврзана со Фреја, божицата на љубовта, но и на правдината. Се верувало дека под липата секој ќе ја каже само вистината и дека никој нема да излаже под нејзината крошна.
Според балтичката митологија липата била свето дрво на Лаима, па литванските жени му се молеле на ова дрво за среќа и плодност. Тие ги почитувале дрвјата на липата и разговарале со нив како со човечки суштества.
Липата се спомнува и во грчката митологија. Еден од најубавите митови е оној според кој боговите Зевс и Хермес маскирани како сиромашни патници, биле нагостени кај сиромашните Филомен и Баукида. Во знак на благодарност за нивната гостопримливост, по нивната смрт Зевс ги претворил во даб и липа.
Во христијанскиот период многу често дрво од липа се садело до црквите за добра среќа. И денеска во некои култури да се исече дрво од липа значи лоша среќа, додека други веруваат дека со своето присуство, ќе ги отстрани лошите духови од домот.
Липата до ден денес е национален симбол на Чешка, Словачка и Словенија. Во Словенија постои место кое се вика Липице, што во превод значи мало дрво на липа, а од името на ова место, своето име го добила и многу познатата раса на коњи – липицанери. Според липата, своето име го добиле некои месеци во Хрватска, Полска и Украина, а стотиот дел од хрватската парична единица “куна” е една “липа”.
Но да ја заборавиме историјата. И ден-денес, и покрај големиот број модерни алтернативи, ова меко дрво сеуште е незаменливо и се користи за изработка на скулптури, детски играчки, марионети, а во православните црки на него се цртаат икони. Благодарение на неговите акустични карактеристики, дрвото од липа е популарно за изработка на електрични гитари и за некои дувачки инструменти.
На крајот, да се потсетиме дека липата е хермафродит кој има прекрасни машки и женски цветови кои пчелите ги обожуваат, па така од липата се добива многу вкусен мед. Цветовите од липа се користат за лечење на настинка, заболување на респираторните органи, го потикнуваат потењето и мокрењето. Цветовите на липата се добро средство за опуштање и смирување, благотворно делува на кардиоваскуларниот систем и го подобрува имунитетот. Покрај ова, липата е и неизоставна состојка во многу козметички препарати и парфеми.
Многу поети го опеале дрвото липа во своите дела, а голем број од нив ги напишале своите песни седејќи под липово дрво и верувајќи дека липата ќе им даде инспирација за нивните творби.
Ете, тоа е липата, дрво на љубовта и среќата. Не бадијала уште одамна се верувало дека ако ја сонувате липата, ќе бидете среќни и вљубени.

Aвтор: Проф. Маја Јорданова

Start typing and press Enter to search