Дали знаевте дека…

Во Македонија има повеќе од 3.700 виши растенија групирани во 920 родови и 210 фамилии. Секое растение си има свое име и презиме, а сите имиња на растенијата се на латински јазик, за да можат научниците кои ги проучуваат растенијата да разберат за кое растение се работи. Името е единствено но презимето го делат повеќе растенија, односно тоа е името на родот. Во различните држави пак, истите растенијата имаат и „народни имиња“, кои ги дава локалното население за подобро препознавање.

Растенија има насекаде, во нашите дворови, во блиската околната, покрај реките и потоците, езерата и морињата, на ливадите, на каменливи и карпести места, во клисури, на песокливи места, покрај вода и во вода. Некои се развиле од дамнешни времиња, а други се од поскоро. Некои се диви, а некои ги култивирал човекот. Постојат и такви кои се развиваат на само мал број локации или само на една. Таквите видови се викаат ендемични видови.

Ендемитите живеат само во една географска област или тип на живеалиште и ги нема никаде на друго место. Сите ендемити се исклучително интересни видови кои се прилагодени на условите на средината каде опстануваат.

Во нашата држава има дури 120 ендемични вида!

Едно ендемично растение кај нас е локалниот ендемит меурест козинец, чие латинско име е Astragalus physocalyx. Родот Astragalus е доста голем, опфаќа околу 3.000 видови кои всушност ѝ припаѓаат на големата фамилија растенија Fabaceae, од која попознати претставници ни се гравот, грашокот и леќата.

Каде може да го видите козинецот?

Меурестиот козинец во нашата држава расте само во близина на Богданци. Популацијата има органичено подрачје каде расте и се развива, со мал број на единки, најчесто затскриено во густите боцкави грмушки на дабот прнар (Quercus coccifera). Расте на надморска височина од околу 200–300 метри.

Како да го препознаете на терен?

Меурестиот козинец е повеќегодишно растение кое може да се размножува со помош на долгите подземни корења, па затоа и најчесто се сретнува во групи од повеќе единки, или пак со помош на семето.

Цвета во рана пролет во периодот април–мај. Има преубави розови или бледорозови цветови со големина од 1,5 и 2–2,5 см. Листовите се исто така малечки и подредени во круг при што формираат розета. Чашкините ливчиња пак се надуени и споени во форма на топчиња и во нив подоцна се развива плодот со семчиња. Плодот на козинецот како и на сите претставници на фамилијта Fabaceae е мешунка.

 

 

 

 

 

 

Со оглед дека ова растение, исто како и останатите ендемични видови, се развива само на ова подрачје, треба да се внимава човекот со своите активности да не се предизвика појави кои би го нарушиле неговиот раст и развој. Поточно, треба да се внимава да не се уништи живеалиштето каде се развива, да не се предизвикуваат пожари, да не се откопува и да се ништи самото растение.

И да не заборавиме дека Astragalus physocalyx е дел од листата на строго заштитени диви видови во Македонија.

Почнете да пишувате и стиснете Enter за да пребарате