Тимот на Македонското еколошко друштво годинава повторно одпочна со интензивни мониторинг активности на познатите територии на египетскиот мршојадец во рамки на проектот „Нова надеж за египетскиот мршојадец“, финансиран од LIFE програмата на Европската Унија (LIFE16 NAT/BG/000874).

Со резултатите добиени од овогодинешниот мониторинг, за жал, се потврдија очекувањата дека популацијата на египетскиот мршојадец и понатаму опаѓа, и во моментов е со рекорно ниска бројка од 13 -14 пара на целата територија на државата. Овој податок ни укажува дека бројноста на популацијата и понатаму константно опаѓа, имајќи во предвид дека само во 2014 година нивниот број изнесуваше 18-20 пара, додека во 2013 популацијата броеше 20-21 пар.

 

 

 

 

 

 

 

Египетскиот мршојадец има статус на глобално загрозен вид според Меѓународната унија за заштита на природата (IUCN), и во исто време претставува строго заштитен вид според Бонската и Бернската меѓународна конвенција, како и во рамки на конвенцијата за регулирање на меѓународна трговија со загрозени видови CITES). Во нашето законодавство се наоѓа на листата на видови под строга заштита. Република Македонија останува една од последните држави на Балканот каде може да се сретне оваа птица. Во минатото, нивното присуство била честа појава на овие територии а денес се проценува дека нивната бројност на Балканот изнесува помалку од 90 пара.

Главни причини за нивното исчезнување и понатаму е антропогениот фактор како нелегалната употреба на отрови, криволовот, вознемирување, загуба на соодветните хабитати, електрокуција, судири со ветерни електрани и надостатокот на храна поради напуштање на традиционалните техники на екстензивно сточарство.  Во таа насока, Македонското еколошко друштво во претстојниот период ќе вложи напори во рамки на проектите „Нова надеж за египетскиот мршојадец“ и „Балканскиот проект за борба против отрови“ за намалување на заканите со кои се соочуваат мршојадците со цел стабилизирање и евентуално опоравување на популациите во Македонија.

Почнете да пишувате и стиснете Enter за да пребарате