Македонско еколошко друштво, во соработка со Фондацијата Еуронатур од Германија втора година по ред го одбележува „Денот на зелениот појас“ којшто оваа година ќе се одржи на 24-ти септември (недела) 2017-та година во градскиот парк во Скопје со почеток од 12 до 15ч. Овој ден ќе го одбележиме со низа активности околу езерцето и кафулето „Централ парк“.

Целта на овој настан е да се промовираат вредностите и богатиот жив свет  долж зелениот појас којшто опфаќа 24 земји во Европа и обединува значајни предели и важни живеалишта. Во Македонија во рамки на зелениот појас припаѓаат пределитево пограничниот регион со Албанија, Грција и Бугарија.

За време на настанот посетителите ќе може да се запознаат со вредностите на Зелениот појас преку изложба на фотографии, а најмладите преку симулација на миграција и други интерактивни игри поврзани со животните ќе се запознаат со биологијата на овие видови. Креативното катче ќе ги поттикне децата да направат инересни творби со природни материјали, а преку набљудување под микроскоп ќе биде доловен одблиску живиот свет во вода.

Овој ден истовремено се прославува во девет балкански земји со различни активности.

Зелениот појас во Европа настанал по должината на некогашната „Железна завеса“ која ја делела Европа на Источна и Западна скоро 40 години. Во овие предели се развила неверојатна еколошка мрежа во која биле забранети секакви човечки активности, а при тоа животните можеле слободно да се движат. Затоа, оваа мрежа опфаќа некои од најзначајните живеалишта за зачувување на биолошката разновидност во Европа.

Во рамки на настанот ќе бидат доделени и наградите за најдобрите фотографии од овогодинешниот фото-конкурс за зелениот појас којшто го организираше Македонско еколошко друштво.

Партнери и поддржувачи на настанот се Македонско биолошко друштво , Институт за Биологија, Истражувачко друштво на студенти биолози, Прв скопски извиднички одред и Анхоч.

Start typing and press Enter to search