Кога зборуваме за инсекти, веројатно први на ум ни доаѓаат пеперутките. Со нивниот карактеристичен изглед, пеперутките ги шармирале ентомолозите од целиот свет уште од дамнешни времиња. Можеби и затоа се една од најизучуваните групи во светски рамки, па така нивното разнообразие брои над 17.500 познати видови пеперутки. Доколку тука ги вклучиме и молците (таканаречените ноќни пеперутки) нивниот број достигнува околу 180.000 видови. Како дел од групите инсекти кои во својот животен циклус поминуваат низ целосна трансформација (метаморфоза), кај пеперутките разликуваме четири различни стадиуми на преобразба: јајце, гасеница, кукла и имаго или возрасен инсект. Различни видови пеперутки имаат и различен годишен циклус, така што зимата ја поминуваат во различна фаза од својот развој, меѓутоа како возрасни инсекти главно се среќаваат во пролетните и летни месеци.

Во Македонија досега се најдени над 200 видови пеперутки, а најголемиот број од нив се наоѓаат во Националниот парк „Галичица“ – 166 видови. Поради ова, а и поради присуството на таканаречените целни видови, Галичица, заедно со Огражден, клисурата на реката Радика, кањонот на реката Бабуна, Шар Планина, планините Баба и Кожув, и Струшкото Поле се прогласени за Значајно подрачја за пеперутки во Македонија. Овие подрачја имаат за цел да ја истакнат важноста на приоритетните видови пеперутки со цел подобро да се заштитат видовите и нивните станишта. Главните закани за пеперутките се прекумерната и неконтролирана употреба на хербициди во земјоделието.

Start typing and press Enter to search