На вкупно 14 територии со 13 активни пара на египетски мршојадци оваа година се испилија и пролетаа 9 млади. Тие месецов се впуштија во миграција долга 5000 километри, ќе летаат скоро цел месец и секојдневно ќе поминуваат околу 500км со брзина од дури 80км на час. За ваквиот подвиг се подготвуваат од денот на снесување т.е. помалку од 5 месеци.

Возрасен египетски мршојадец

Возрасен египетски мршојадец

Млад египетски мршојадец

 

 

 

 

 

 

 

 

Овие фасцинантни податоци ги знаеме благодарение на нашиот тричлен тим кој од април па се до септември ги следеше египетските мршојадци низ Македонија. Тие заедно со поддршката од уште десетина волонтери годинава поминаа 45 дена на терен. Нивната теренска работа е непредвидлива, напорна,никогаш здодевна и може да трае повеќе од 12 часа на ден на блескаво сонце. Една од причините поради кои овие неверојатни птици сѐ уште живеат кај нас се токму непристапните карпести терени на кои гнездат – колку што тие им помагаат на египетските мршојадци да немаат вознемирување до луѓе толку им отежнуваат на нашите орнитолози да го следат нивниот процес на размножување.

 

 

 

 

 

 

 

„Откако ќе долетаат во Македонија кањите (локално име за египетски мршојадци) ние следиме дали ќе ги заземат старите територии на гнездење, дали ќе формираат гнездо, колку јајца снеле и колку пилиња ќе се испилат од нив и потоа со најголема возбуда чекаме да видиме колку од нив ќе преживеат за да пролетаат и заминат на миграција. Најголема радост е после сите месеци на набљудување кога ќе забележиме дека младото застанало на работ од гнездото и се спрема за полетување“ – изјавува Ненад Петровски, раководител на истражувањата за египетскиот мршојадец.

 

 

 

 

 

 

 

Скоро е невозможно да се набљудува доволно детално животот на овие птици без локална поддршка. Затоа нашиот тим работи и на едукација на локалното население кое е заинтересирано да ја поддржи нашата работа. По примерот на многу земји низ светот и ние подготвуваме мрежа на чувари на гнезда. Овие луѓе ќе бидат опремени и обучени да го следат гнездењето на кањите и да делуваат во случај на појавување на некаква закана за успехот на гнездењето.

Набљудување на гнездо

На работ од гнездото

Подготовка за гнездење

 

 

 

 

 

 

 

 

Покрај чуварите на гнезда во Македонија веќе имаме „ресторан“ за кањи. Емануел Лисичанец со години на Витачево го одржува единственото хранилиште за мршојадци. Оваа година имавме можност ние да го поддржиме неговото работење и заедно да забележиме најмалку 3 пара на египетски мршојадци кои редовно го користат заедно со повеќе од 20 белоглави мршојадци.

Снимка од камера-замка на хранилиште (кања)

Снимка од камера-замка на хранилиште (белоглави мршојадци)

Разговор со овчар

 

 

 

 

 

 

 

 

Една од најголемите закани за овие глобално загрозени птици е труењето. Нашиот тим се обидува овој проблем да го реши на повеќе начини – од посетување на локалните земјоделски аптеки и едукација на персоналот, преку анкети и истражувања за состојбата до соработка со службите на државата кои професионално се занимаваат со оваа проблематика. Сепак главната активност е соработката со локалното населени и разбирање на нивната мотивација за користење на отрови и изнаоѓање на начини тоа да се укине.

Останува само да им посакаме среќа на младите кањи кои излетаа од демир каписко, мариовско, тиквешко, осоговско, витачевско, велешко и долно брегалничко безбедно да стигнат до етиописко, оманско, чадско, нигерско и суданско да израснат големи и силни и да ни се вратат на гнездење.

 

 

 

Истражувањата поврзани со египетските мршојадци се дел од проектите „Нова надеж за египетскиот мршојадец“ (LIFE16 NAT/BG/000874) и Балканскиот проект за борба против отрови.

 

 

 

Start typing and press Enter to search