Ви ги претставуваме одобрените проекти во категоријата на средни грантови при програмата за поддршка на млади еколози „д-р Љупчо Меловски” за 2022ра година. Се надеваме дека проектите во оваа категорија ќе придонесат кон развојот на млади научници кои ќе продолжат со ангажман во полето на екологијата и ќе обезбедат решенија за проблемите со кои се соочуваме.
1. Еволуција или фенотипска пластичност кај Cyclotella caviitata – одговор кон еколошките промени во Охридско Езеро во текот на Квартерен период
Раководител: Душица Заова
Резиме: Опстанокот на живите организми е условен од нивната способност да одговорат на промените во животната средина преку морфолошки, физиолошки и/или генетски промени (Hetem et al. 2014; Ho & Zhang 2018; Fox et al. 2019). Видовите кои нема да успеат да се прилагодат на новонастанатите услови се подложни на исчезнување (Kender et al. 2016). Следењето на способноста кај организмите за адаптација е особено важна за да се предвиди можноста и начинот на кој организмите би се адаптирале на идните услови. Предложеното истражување ќе биде спроведено преку анализа на Cyclotella cavitata-ендемичен вид од Охридско Езеро кој живее(л) во езерото низ текот на Kвартерот. Кое е потеклото на овој вид, како и дали успеал да преживее до денес и на кој начин се адаптирал на промените ќе се анализира преку употреба на морфометриски анализи на СЕМ и математички модели. Се очекува да се добијат податоци за правецот на еволутивните процеси и одговорите на популациите кон климатските промени во текот на Квартерот.
Целта на истражувањето ќе се постигне преку одговори на следниве прашања:
- Какво е потеклото на Cyclotella cavitata?
- Дали и како Cyclotella cavitata преживеала за време на Квартерниот период?
- Како Cyclotella cavitata се адаптирала на цикличните климатски промени?
- Дали промените во морфологијата се резултат на фенотипска пластичност или еволутивни промени-Точкаст еквилибриум?
2. Микробни биофунгициди како алтернативна биолошка заштита на растенијата (MICROBIOFUN)
Раководител: Софија Костандиновска
Резиме: Прекумерната употреба на разорни хемиски агенси во земјоделството предизвикува низа негативни ефекти врз животната средина (Prabha et al., 2016). Биопестицидите претставуваат современа алтернатива, кои ја штитат животната средина од глобалниот проблем со пестицидното загадување (Ardakani et al., 2009; Marrone, 1999). Биофунгицидите се природни, еколошки, биоразградливи препарати кои се користат за контрола на штетници, но за разлика од хемиските, тие се специфични и не предизвикуваат резистентност кај целните организми (Muhammad et al., 2022). Транзицијата од хемиски пестициди кон биофунгициди ветува намалување на стапката на еколошко загадување (Montesinos, 2003). Р.С. Македонија е увозно зависна за вакви биопрепарати и ќе остане таква сè додека не се воочат природните потенцијали на нашите почвени микрозаедници. Бидејќи биофунгицидите се еколошки биопродукти, целта на овој проект е изолација на нативни микроорганизми кои покажуваат антифунгална активност од различни типови почва на територија на Р.С. Македонија. Понатаму ќе се тестираат овие пилот биофунгициди врз најчестите фитопатогени, преку воочување на овој ефект in vitro и во полулабораториски услови.
Целта на истражувањето ќе се постигне преку разгледување на следниве хипотези:
Контаминирани почви располагаат со повеќе антимикробни соеви.
- Контаминирани почви располагаат со повеќе антимикробни соеви
- Застапеноста на антимикробните изолати е најголема во есен.
- Вкупниот број на бактерии со антимикробна активност ќе биде поголем кај контаминирани почви
- Антимикробните соеви го инхибираат растот на тест фитопатогените.