Ви ги претставуваме одобрените проекти во категоријата на мали грантови при програмата за поддршка на млади еколози „д-р Љупчо Меловски” за 2022ра година. Се надеваме дека проектите во оваа категорија ќе бидат поттик за младите истражувачи да останат во полето на екологијата и да придонесат кон научната работа во Македонија.

 

  1. Проценка на состојбата на популациите на модра боровинка (Vaccinium myrtillus и Vaccinium uliginosum) и нивниот ресурсен и економски потенцијал на планината Кожуф

 Раководител:  Филип Тодоров

Резиме: Боровинките во Р.С Македонија претставуваат значаен природен ресурс што обезбедува дополнителен приход за голем број луѓе. Системите за собирање, лиценцирање, контрола и мониторинг сè уште не се добро развиени во поголемиот дел од Македонија што врши притисок врз популациите на дивите видови, доведувајќи до неодржлива употреба. Целта на овој проект е проценка на економскиот потенцијал врз основа на одржливата употреба на модра боровинка (Vaccinium myrtillus и Vaccinium uliginosum) на планината Кожуф, преку теренска проценка на годишното производство на плодови и лисја заедно со хемиска карактеризација на исите и анализа на важноста на боровинките за локалното население.

Прв извештај: Истражувањата за проценка на ресурсите и квалитетот на боровинка на планината Кожуф се во тек. Беа извршени теренски мерења со кои се утврди дека Кожуф изобилува со големи површини на боровинка. Тоа го потврдуваат и берачите на боровинка кои тврдат дека оваа година приносот е поголем од лани. Боровинката е од големо значење за локалното население и се користи за исхрана, но и за дополнителен приход. Количините кои што дневно се берат можат да достигнат и до 60 килограми од човек. Спроведените лабораториски анализи покажаа дека плодовите од боровинка ги исполнуваат барањата за квалитет.  Следните активности се поврзани со утврдување со колку ресурси на боровинка располага Кожуф и дополнителни испитувања на квалитетот на листовите и плодовите.

 

 

2. РАЗОТКРИВАЊЕ НА ДИВОРАСТЕЧКИ КАНАБИС НА ТЕРИТОРИЈАТА НА МАКЕДОНИЈА

 Раководител:  Јована Ѓорѓиевска

Резиме: Научниот интерес за канабисот (Cannabis sativa L.)  експоненцијално расте во последните 30 години поради откривањето на полезни фитохемиски компоненти, како и со проучувањето на човековиот ендоканабиноиден систем. Согласно ова, беа иницирани промени во законодавството со легализација на употребата на канабис во медицински цели. Канабисот е растение кое порано било култивирано како важно индустриско растение но може да се сретне како диворастечко во Р. С. Македонија. Цел на овој проект е да се истражи дали има диворастечки канабис во Македонија и дали има комерцијална вредност, преку локализирање на места каде расте, собирање на растителен материјал, негова морфолошка и фитохемиски карактерзација. Добиените резултати ќе бидат соодветно дисеминирани и ќе придонесат кон валоризација на ова растение и развивање на свесноста за постоење на автохтон канабис во Македонија, за неговото значење и како да се промени практиката од негово намерно уништување кон негово зачувување.

Прв извештај: Во текот на пролетта и летото 2022год реализирани се теренските активности на сите планирани локалитети,  и во 3 региони са пронајдени и идентификувани примероци на диворастечки канабис, (Пелагониски регион, Струмица/Гевгелија и Кочани/Пробиштип/Штип). Направена е фото-документација, собран е растителен материјал, хербаризирани се примероците, започната е морфолошка и фитохемиска карактеризација (определување на губиток со сушење, екстракција на канабиниоди и HPLC анализа за определување на содржина на најзначајни канабиноиди).

 

 

3. Диверзитет, таксономија и дистрибуција на родот Dryopteris Adans. на планината Кожуф – 37 години по флората на Мицевски

 Раководител:  Ана Варелова

Резиме: Dryopteris е космополитски род на папрати, кој опфаќа видови со разновидни опсези на живеалишта и морфологии. Хибридизацијата и апомиксисот се главните причини за потеклото на некои видови, морфолошки одделени со дискретни карактеристики (Fraser-Jenkins, 2007), кои особено го отежнуваат процесот на идентификација.Со проектот ќе се добијат податоци за дистрибуцијата и диверзитетот на родот Dryopteris на планината Кожуф, преку анализа на морфолошките карактеристики на видовите и преку анализа на површината, обликот и димензиите на спорите. Ова истражување e продолжеток на дводецениски напори да се потврди присуството на видовите од родот Dryopteris и на објавените податоци за родот на национално ниво (Melovski, 2016), каде папратите од планината Кожуф не се опфатени.Проектот претставува продолжување на таксономските истражувања на еден од најкомплексните родови на папрати во Европа, ќе го надмине недоволното познавање на овие видови и ќе оствари едно активно, континуирано проучување на комплексна група организми.

Прв извештај: Спроведени 36 теренски посети на 27 локалитети, во текот на вкупно 19 дена. Колекционирани 32 примероци од популации на Dryopteris, сега во фаза на микроскопска анализа. Првите впечатоци се дека се работи за 3 вида: еден со ново наоѓалиште на Кожуф и еден како нов податок за Кожуф. Проценета состојбата на популациите и живеалиштата на популациите, кои засега немаат значителни закани, меѓутоа состојбата изискува следење во наредните години. Идентификуван е флористичкиот состав на Кожуф, со досега идентификувани и/или регистрирани околу 700 видови, од кои околу 130 се видови со наоѓалишта на 1-2 локалитети во Македонија.

 

4. Влажни ливади во Преспа – природен филтер од загадување на Преспанско Езеро од вештачки ѓубрива

 Раководител:  Драгана Пеликудовска

Резиме: Влажните ливади во Преспа се значајни екосистеми со специфични биогеохемиски процеси кои обезбедуваат многубројни екосистемски услуги: прочистување на води, задржување на хранливи и минерални материи, секвестрација на јаглерод, богата биолошката разновидност итн. Главните закани за уништување на овие хабитати во Преспа доаѓаат од земјоделските активности, главно преку трансформација на влажните ливади во обработливо земјиште. Во проектот ќе се спроведат експериментални истражувања во кои главен фокус ќе биде улогата на  влажните ливади во задржување на хранливите материи и тешки метали од вештачките ѓубрива кои се користат во земјоделско производство. На овој начин ќе се истакне важноста на овие хабитати како филтер за овие материи кои доспеваат и до Преспанското Езеро, а со тоа ќе се потенцира  потребата за нивно правило користење, управување и заштита во заштитеното подрачје Парк на природа „Езерани“.

Прв извештај: Влажните ливади во Преспа будат голем интерес кај нас младите истражувачи, бидејќи се едни од најважните, но и најзагрозени хабитати во Преспанскиот регион. Предмет на интерес на овој проект е улогата на влажните ливади во задржување на хранливите материи од вештачки ѓубрива кои се користат во земјоделско производство. За таа цел нашиот тим спроведе експериментално истражување во кое беше вклучено теренско анкетирање на локалното население во Преспа. Анализата на анкетата даде информации за типот на ѓубриво кое најчесто се користи, како и начинот и количината на апликација. Според добиените податоци од анкетата нашиот тим направи симулација на апликација на вештачки ѓубрива во 18 експериментални кадички поставени во заштитеното подрачје ПП “Езерани” и 3 во јаболков насад. Во следниот период очекуваме успешна лабораториска работа и заначајни резултати.

 

5. Микодиверзитетот во стари шуми во националниотпарк Маврово

 Раководител:  Ива Николовска

Резиме: Целта на проектот е да се истражи видовото разнообразие на габите во старите шуми на подрачјето на НП Маврово. Старите шуми се шумски заедници кои не биле експлоатирани од страна на човекот и во кои се зачувани стари дрвја и паднати стебла. Старите дрвја се погодни супстрати и микоризни партнери на голем број видови габи, а посебно се значајни паднатите стебла кои не се отстранети од шумата и на кои се развиваат различни видови габи.Во старите шуми спаѓаат и девствените букови шуми кои ги има на планината Кораб – с.Жужње, еден од локалитетите кои што е планиран за да биде истражен. Тие се реткост во нашата држава и не се доволно истражени, а посебнозаовој локалитет речиси и да нема податоциза микодиверзитетот. Со истражувањена овие заедници очекуваме да придонесеме кон запознавање на разнообразитетона габите во ова значајно подрачје, кое претставува национален парк. Поради сето наведено,старите шуми претставуваат одличен предизвик за истражувањеод миколошки аспект.

Целта на истражувањето ќе се постигне преку истражување на следните хипотези, односно преку давање одговори на следните прашања

  • Во НП Маврово постои значителен неоткриен микодиверзитет, особено во старите шумски заедници (букова-девствена шума, елова и смрчова шума).
  • Различните заедници во НП Маврово се дом за редок и загрозен микодиверзитет.

 

6. Застапеност на микроорганизми во глацијални езера од националниот парк Пелистер: Одговор кон условите на животната средина (MICRO ECO ICE)

 Раководител:  Никола Радмановиќ

Резиме: Националните паркови претставуваат засебни засолништа за мноштво природни богатства кои нужно мораат да се заштитат од штетните ефекти на човековиот интерес. Заштитата на овие национални богатства се постигнува преку постојан мониторинг на сите осознаени валоризирани био-геолошки ресурси. Притоа, потребна е темелна разработка на сите макро/микроскопски елементи на овие екосистеми. Пелистерските очи претставуваат глацијални езера за кои не постојат податоци за нивната микробна екологија. Микроорганизмите, членови на овие глацијални екосистеми, имаат активна улога во бројни биолошки и еколошки процеси (Liu и сор., 2017; Liu и сор., 2019). Посебен притисок постои бидејќи глацијалните езера се меѓу најранливи елементи на биосферата во рамките на глобалните климатски промени (Jiang и сор., 2019). Предложениот проект се стреми кон евалуација на хетеротрофната микрофлора присутна во овие природни богатсва, вклучувајќи потенцијални антропогени контаминанти, во функција на физичките параметри на водата и сезоналната промена на условите. Испитување на овие уникатни езера претстатвува императив за определување на ранливоста на овие непроценливи екосистеми.

Прв извештај: Нашиот најстар национален парк, Пелистер, претставува крстопат каде се среќаваат љубители на природата, научници–еколози и авантуристични патници. Меѓутоа и покрај неговата популарност и научна разработка долж годините, постои дел недоистражен кој нуди ново гледиште на настаните на еколошко ниво. Микробната екологија на Пелистерските очи претставува темата на овој прокт, кој за прв пат нуди увид во светот на микроорганизмите на овие глацијални езера. Досегашните активности и анализи покажаа  сосема неочекувани резултати, меѓу кои и набљудување дека иако станува збор за глацијално езеро, сепак овде доминираат истите бактерии како и во умерено-топли предели, и набљудувањето дека иако станува збор за природни богатства заштитени од човекот, сепак во водите се пронајдоа и бактерии кои сугерираат на антропогено влијание.

 

 

7. Микроорганизми како индикатори за контаминација на минерални води од термални извори на Р.С.Македонија

 Раководител:  Огнен Бошковски

Резиме: Природните минерални и термални извори претставуваат недоистражени богатства од непроценлива еко-културолошка вредност (Gorgieva и Popovski, 2007). Овие извори претставуваат тема на екстензивна антропогена експлоатација. Притоа, незначително внимание е посветено кон биодиверзитетот на овие природни богатства. Дополнително, степененот на антропогена оштета извршена врз истите е ретко дискутирана тема во јавен дискурс вон законските поставени граници на дозволени контаминанти.  Целта на предложениот проект претставува темелна микробиолошка анализа на минералните извори при локалитетите Негорци, Проевце, Катланово, Штип и Дебар.  Овие геотермални-минерални извори се значајни културолошки објекти под интензивна локална употреба. Моментално постои голем еколошки интрес за проучување на микроорганизми кои се способни да живеат во екстремни услови како што се високи температури и концентрации на минерали (Sagova-Mareckova и сор., 2021; Hui и сор., 2021). Покрај тоа, многу малку информации за автохтоните микроорганизми кои живеат во такви термални води моментално постојат во Р.С.Македонија. Добиените резултати би послужиле како основа за покренување на идни конзервациски обиди и би служеле како први податоци од овој тип.

Прв извештај: Беа спроведени сите терени и при тоа беа колекционирани сите потребни примероци. Досегашните толкувања на резултати ни укажуваат дека одредени фактори како температурата и кондуктивитетот имаат големо влијание врз бројноста и составот на микрофлората која се наоѓа во геотермалните извори. Јасно може да се увиди дека во изворите во Катланово и двете точки на извирање во Негорци имаат значително поразновидна и побројна популација на микроорганизми што може да укаже на поголемо антропогено присуство во овие извори. Исто така се приметува и значајна разлика во двете точки на извирање во Негорци, каде во Негорци 2 има и присуство на контаминанти.

 

8. Конзервација на ендемични растителни видови од локалитетот Алшар

 Раководител: Лина Гегоска

Viola allchariensis

Viola arsenica

Резиме: Проектот „Конзервација на ендемични растителни видови од локалитетот Алшар“ претставува значаен придонес кон определувањето на статусот на двете многу ретки и ендемични темјанушки Viola arsenica и Viola allschariensis. Со определување на големината на популациите, заканите, како и со воспоставувањето на мониторинг површините ќе се овозможи да се утврди загрозеноста на видовите и да се преземат конзервациски мерки. До сега не се правени истражувања за определување на големината на популациите и овој проект е многу значаен бидејќи ќе овозможи, меѓу другото, и надополнување на податоците кои се неопходни за проценка на видовите согласно IUCN методологијата. Во проектот ќе бидат вклучени студенти и засегнати страни кои ќе имаат можност да присуствуваат на теренските активности и обуки. Особено важен сегмент е ex-situ заштитата на растенијата во рамките на Ботаничката градина при ПМФ во Скопје преку одгледување на витални популации и колекционирање на семенски материјал.

Прв извештај: Со овој проект, за прв пат е одредена големината на популациите на ендемичните темјанушки на Алшар, за чиј иден мониторинг се поставени мониторинг површини. Забележано е дека големината на популацијата на Viola allchariensis, која брои околу 33.600 фертилни единки, е значајно поголема од популацијата на Viola arsenica, која беше забележана само на една точка и брои околу 250. Определен е ареалот на распространување и абудантноста. Утврдени се заканите за хабитатот на којшто е забележано слабо антропогено влијание, а како најголема потенцијална закана претставува обновувањето на рударските активности. Од конзервациски мерки, извршена е ex-situ заштита и колекциониран е семенски материјал.

 

 

 

 

Start typing and press Enter to search