Ни претставува огромно задоволство да ви ги претставиме одобрените проекти во категоријата на средни грантови при програмата за поддршка на млади еколози „д-р Љупчо Меловски” за 2021ва година.

Им посакуваме многу успех на кандидатите и веруваме дека нивниот ангажман на проектите ќе биде вистинска отскочна даска кон успешни кариери како идни еколози! Следните проекти ќе бидат спроведени:

  1. Развивање и примена на методи за следење на испарливи и полуиспарливи органски соединенија во воздухот во Скопје

 Раководител:  Ивона Софрониевска

Резиме: Целта на проектот е развивање и примена на методи за анализа на полуиспарливи и испарливи сусптанци во воздухот кои ќе овозможат да се соберат податоци за нивното присуство и концентрации. Притоа ќе служат и за утврдување на влијанието нa две депонии: една со хемиски отпад и една со комунален отпад во Скопје. Ова ќе бидат први испитувања од овој вид кај нас и ќе поттикнат внесување и на органските супстанци во воздухот во редовниот мониторинг. Испитувањето на аерозагадувањето со овие соединенија претставува важен почетен аспект за креирање на одржлива програма за мониторинг и унапредување на праксата за управување со отпад .

2. Планинските тресетишта на Шар Планина – дом на еволуцијата на Балканот

 Раководител:  Марија Тренчева

Резиме: Високопланинските тресетишта на Шар Планина се мали фрагментирани екосистеми, остатоци од глацијално-интеграцијалните циклуси кои се богати со реликтни и ендемични видови. По истражувањата на основните екосистемски процеси (2018-2020), во овој проект ќе се фокусираме на три меѓусебно поврзани компоненти: хидролошки процеси, анализи на фитоценологијата и анималниот диверзитет (малакофауна). Овие анализи ќе а) овозможат карактеризација и класификација на шарпланинските тресетишта, б) дадат увид во начинот на нивно функционирање и идентификација на чувствителните процеси (значајни за проценка на нивната ранливост) и в) ќе обезбедат компаративни информации за нивната биолошка разновидност, историски развој и можните еволутивни промени на екосистемите (значајни од конзервациски аспект).

 

3. ФЛИНДАН – Биодеградација на пестицидот линдан преку процеси на биоремедијација со филаментозни фунги

 Раководител:  Марија Тодоровска Ивковиќ

Резиме: Не сите микроорганизми кои егзистираат во природата се штетни и патогени. Дел се корисни и пријателски насочени кон човекот и природата бидејќи учествуват во процесите на антибиоза, ферментација, производство на антибиотици, а дел пак имаат способност да ги искористуваат штетните материи од природата, од типот на пестициди кои многу тешко се разградуваат. Проектот е насочен кон биодеградација на пестицидот линдан од почвите со изнаоѓање и искористување на микроорганизми-изолати кои имаат таква способност. Предвидено е издвојување на микроорганизми толерантни на линдан и со воспоставување на методи од адаптација на изолатите до искористување на линданот ќе се овозможи деконтаминација на почвите.

4. Конзервација на стено-ендемичниот реликтен вид Thymus oehmianus и субендемитот Viola kosaninii од флората на Република Северна Македонија

 Раководител:  Сара Цветаноcка

Резиме: На територијата на Република С. Македонија се развиваат преку 3700 растителни видови, од кои покрај 117-те ендемични, се наоѓаат и голем број реликтни и ретки видови, заради што Македонија се смета за една од жешките точки за оваа група организми во Европа. Предмет на истражување на овој предлог-проект се стено-ендемитот и реликтен вид Thymus oehmianus и субендемитот Viola kosaninii, видови кои се наоѓаат на Приоритетната Црвена Листа на македонската флора. Ќе биде оцененет нивниот статус на засегнатост и во однос на тоа ќе се воспостават мониторинг протокли и ќе се предложат мерки за нивна понатамошна заштита.

Start typing and press Enter to search