На 26ти септември во Тетово се одржа промотивен настан за новоформираната платформа „Пријателите на Шара“ со настап на две музички групи од Тетово.

Оваа неформална платформа е составена од здруженијата „Институтот за развој на заедницата“ од Тетово, „Планинарскиот клуб Љуботен“ од Тетово и „Центарот за едукација и развој“ од Теарце со цел поддршка на процесот за прогласување на Шар Планина за национален парк.

„Со организациите коишто се нарекоа „Пријателите на Шара“ се обединивме во мисијата Шара да ја видиме како заштитено подрачје. Во следните две години „Пријателите на Шара“ ќе организираат едукативни настани на коишто ќе се зборува за придобивките што овој регион може да ги има доколку Шара се заштити.“, рече Фросина Пандурска –Драмиќанин, раководител на проект во МЕД.

Платформата „Пријателите на Шара“ е од отворен тип и во неа може да се зачленат сите физички и правни лица кои би сакале Шар Планина во иднина да биде заштитено подрачје, рече Сретен Коцески од Институтот за развој на заедницата од Тетово.

На промотивниот настан учествуваа граѓани, активисти и невладини организации од регионот. Публиката уживаше во настапот на „High Control“и „Këpurdhat“од Тетово. Во рамки на настанот се делеа промотивни материјали, а беа потпишани и над 30 пристапници за членство во платформата.

Активностите на платформата „Пријателите на Шара“ се поддржани од проектот „Зачувување на биолошката разновидност преку одржливо управување со ресурсите на Шар Планина“ којшто го спроведува Македонско еколошко друштвосо финансиска поддршка на Фондацијата Еуронатур и Германската федерална агенција за животна средина (DBU).

Start typing and press Enter to search