Одржани два форуми со целни групи од Струга и Вевчани по повод отпочнување на проектот за разумно користење на природни ресурси и заштита на планинскиот масив Јабланица – Шебеник

Да се престане со дивата сеча, да се зачуваат ледничките езера, да се спречи криволовот, а екотуризмот да се развива во Јабланичкиот регион, беа само дел од барањата и пораките на учесниците на форумите за целни групи кои на 12-ти и 13-ти декември 2013 година се одржаа во Општина Струга и Општина Вевчани.

На овие средби беа претставени активностите кои следат по проектот „Подобрување на прекуграничната заштита и развој на планинскиот масив Јабланица-Шебеник преку активна вклученост на локалното население“.

– Овие средби се од извонредно значење за понатамошното спроведување бидејќи се можност за да се продискутира за сите проблеми во однос на користењето на ресурсите кои го засегаат локалното население, смета Фросина Пандурска-Драмиќанин, координатор на проектот во МЕД.

Според дел од учесниците во двете општини најзагрозен ресурс моментално на Јабланица е дрвото. Покрај ова беа споменати и дивоизградените викендички во дел од планинските села и прекумерното користење на некои растителни видови и печурки.

Учесниците на овие форуми беа заинтересирани и за можните придобивки на локалното население доколку Јабланица се прогласи за прекугранично заштитено подрачје.

На средбата присуствуваа претставници од локалните власти, невладини организации од регионот, претставници од образовни институции, шумско претпријатие, собирачи на шумски плодови и печурки како и други локални чинители.

Проектот „Подобрување на прекуграничната заштита и развој на планинскиот масив Јабланица-Шебеник преку активна вклученост на локалното население“ е финансиран од ИПА програмата за прекугранична соработка со Албанија на Европската Унија

Start typing and press Enter to search