Јабланица има огромен потенцијал за развој на екотуризмот, но за да се случи тоа потребна е поголема едукација на локалното население, поголема активност на локалните власти и секако подобрување на соработката меѓу сите релевантни чинители од регионот, ова е само еден заклучоците донесени на „Втората работилница за традиционално користење на природните ресурси – домашни и меѓународни позитивни практики“, којашто МЕД ја организираше на 09 април 2014-та година во Струга.

– На оваа работилница зборувавме за потенцијалите на Јабланица во однос на брендирање на локални производи, развивање на екотуризмот и негативните примери во поглед на користење на природните ресури, сето ова е подготовка за идни активности и иницијативи коишто би можеле да се спроведат во иднина, изјави раководителот на проектот за прекугранична соработка на планинскиот масив Јабланица –Шебеник, Пандурска -Драмиќанин.

Јабланица е богата со еколошки производи, дел од нив се веќе брендирани, но најголем дел од нив може да станат бренд за регионот во иднина и да донесат економски бенефит на локалното население. Голем потенцијал во овој поглед имаат производите од билките како што е кантарионовото масло но и сите други чаеви карактеристични за регионот.

– Соковите од шумски плодови или од трендафил, џемовите од шумско овошје, домашното вино и познатата ракија со линцура, питите од костен, праз и коприва, домашниот кечап и пирето од домати, саламурениот вргањ како и други млечни и месни производи се само дел од производите коишто треба да добијат локален бренд, истакна Благоја Грчески од планинарско друштво „Закамен“ од Струга.

Од друга страна во рамки на работилницата беа истакнати и илегалните активности присутни во регионот а поврзани со користењето на природните ресурси.

– Додека ние тука во Струга работиме на оваа тема, шумата, без ние да знаеме моли, крвави, не сечи ме – боли! Затоа илегалната сеча треба да се спречи. Истовремено во однос на ловот од една страна постојат пасионирани ловци коишто ја сакаат природата а се доста пасивни на сметка на активните ловокрадци, коишто хараат по шумите и непочитуваат закони убивајќи и заштитени видови, истакна во рамки на работилницата, Решат Арсланоски Еколошко друштво од Подгорци „Тишкинец“.

Македонското еколошко друшво–МЕД работилницата ја одржа во рамки на ИПА прекуграничниот проект„Подобрување на прекуграничната соработка и развој на планинскиот Јабланица –Шебеник преку активна вклученост на локалното население“. На работилницата освен учесниците од регионот имаше претставници и од невладината организација ППНЕА од Албанија и од Фондацијата Еуронатур од Германија.

Проектот „Подобрување на прекуграничната заштита и развој на планинскиот масив Јабланица-Шебеник преку активна вклученост на локалното население“ е финансиран од ИПА програмата за прекугранична соработка со Албанија на Европската Унија

Start typing and press Enter to search