На 24 септември, во ОУ „Владимир Полежиновски” во Кичево, се одржа трибина на тема „Деградација на реката Треска и нејзините притоки – закани и предизвици”. Организатор на трибината беше здружението на граѓани Брждани 2010 како дел од предвидените активности на проектот „Заштита на автохтоната македонска пастрмка (Salmo macedonicus) во горниот тек на реката Треска”.
Трибината имаше за цел да ја подигне јавната свест кај локалните чинители за заштита на животната средина и биодиверзитетот на хидросистемот Треска. На трибината учествуваа повеќе од 100 слушатели во кои имаше и претставници од ЕЛС, МВР, МОН, инспекторати, дирекции, јавни претпријатија, бизнис заедницата, НВОа, медиуми итн. За време на трибината, беше презентирана моменталната алармантна состојба со реката Треска, со посебен осврт на загрозениот автохтон вид македонска пастрмка, како и улогата на образованието во подигнувањето на јавната свест за заштитата на природата. По презентациите беше развиена дискусија во која од слушателите беа побарани акции на надлежните институции за почитување на законот и санкционирање на сите оние кои го нарушуваат екосистемот на Треска и нејзините притоки од аспект на загадувањето со хемикалии, фекалии и цврст отпад, како и против рибокрадството, енормното зафаќање на водите за време за летниот период и нестручните градежни зафати во речните корита. За време на трибината беше изложена и фото изложба за состојбите и негативните еколошки влијанија врз екосистемот на Треска. Оваа изложба му беше предадена во трајно владение на училиштето, со цел за понатамошна едукација на младата популација од целиот Кичевски регион.