Со саем на еколошки производи од пограничните општини во Македонија и Албанија, традиционална музика, видео презентации и традиционална храна беше заокружен прекуграничниот ИПА проект „Подобрување на прекуграничната заштита и развој на планинскиот масив Јабланица-Шебеник преку активна вклученост на локалното население“ на 16 април 2015 година во Струга.
МЕД заедно со ППНЕА од Албанија и Еуронатур од Германија го спроведуваше овој проект вкупно 20 месеци во шест погранични општини во Македонија и Албанија со единствена цел за подигнување на јавната свест за одржливо користење на природните ресури, негување на традиционалните дејности, но и детектирање на проблемите коишто произлегуваат од прекумерно користење на ресурсите како дрвото, дивечот, водата, лековитите растенија и печурките.
Во рамки на едукативните активности овој проект вклучи над 200 лица од пограничните општини и од различни таргет групи, оствари добра соработка со општините и доби поддршка од шест градоначалници од Македонија и Албанија за идно правилно менаџирање на прекуграничниот масив Јабланица-Шебеник и соодветна заштита на природните ресурси. Покрај ова тимот на проектот изработи и бројни промотивни едукативни материјали за планинскиот масив Јабланица-Шебеник.На настанот во Струга учествуваа градоначалниците на Општина Струга и Општина Вевчани како и над 100 учесници од Македонија и Албанија.
Овој проект се спроведува со финансиска поддршка на Европската Унија