Македонското еколошко друштво и европското семејство на амбасадори учествуваше во настанот кој обедини 20.000 учесници низ Европа – 5.8 милиони птици видени на миграција за време на Европските денови за набљудување птици.

24.115 луѓе учествуваа на годинешните Европски денови за набљудување птици, најголемиот „птичарски“ настан кој го организираа 40 национални партнери на BirdLife во Европа и Централна Азија. Македонското еколошко друштво беше домаќин на еден од организираните 1000 настани низ Европа со цел следење на неверојатната есенска миграција на птици.  

Секоја година на почетокот на октомври, МЕД го одбележува овој настан за да ја покрене националната свест за птиците преселници. Оваа година настанот се одржа на бреговите на Дојранското езеро и на него учествуваа претставници на европското семејство на амбасади во Македонија, имено амбасадорите и претставници на Холандија, Полска и Германија, шефот на Делегацијата на Европската унија и постојаниот претставник на Обединетите нации.

Европскиот ден за набљудување на птици беше одлична прилика сите учесници да се запознаат со важноста на Дојранското Езеро за миграцијата на птиците како и за неговата важност како Значајно растително подрачје и Клучно подрачје за биолошката разновидност. За време на прошетката, тимот на МЕД заедно со гостите забележа над 300 птици – од патки, корморани и пеликани до лиски и чапји. Овие податоци беа предадени на обработка на BirdLife Швајцарија каде сите европски држави ги испратија своите податоци.

Милиони птици сега ја започнуваат миграцијата кон јужните предели на Европа каде ќе ја поминат зимата а Македонија ќе биде една од дестинациите за птиците од Северна и Западна Европа. Македонското еколошко друштво ги охрабрува сите заинтересирани граѓани да излезат во природа и да уживаат во неверојатните птици преселници кои надминуваат големи закани за да презимат кај нас.

За повеќе информации можете да се обратите на: www.eurobirdwatch.eu

Start typing and press Enter to search