„Осогово и лично и различно“ беше слоганот на првиот настан за промоција на Осогово кој се одржа на 6 октомври на Пониква. Во склоп на настанот беа организирани велосипедска и планинарска тура Кочани – Пониква – Кочани. Околу 150 посетители на настанот имаа можност да пробаат традиционална храна, да се запознаат со занаетите и да уживаат во традиционалната музика.
Според организаторите, овој настан е почеток на една нова традиција, каде луѓето со различни интереси ќе може да се дружат и поддржат во идејата која ги спојува – промоцијата на Осогово.
Идејата за ваков настан започна на една работилница за невладини организации, во рамките на проектот „Прекуграничен Биосферен резерат Осогово“, со цел различните организации од регионот да ја засилат меѓусебната соработка.
Настанот беше организиран од страна на Спортски клуб – Електрика, Планинарско спортско друштво Осогово, Слоуфуд Осогово, Велосипедски клуб – Зелени патеки, Здружение на пчеларите – Пчела, Здружение на земјоделци – Машински круг во координација на Македонско еколошко друштво (МЕД).