Пред почетокот на реализиција на планираните настани во трите избрани значајни растителни подрачја, во периодот од 17 до 27 април, четворица претставници од Македонија учествуваа на десетдневна обука во Англија и Холандија. Организацијата Plantlife International од Англија и Floron од Холандија беа домаќини и организатори на оваа обука. Главната цел на обуката беше воведување на учесниците од Македонија, Бугарија и Романија кон техниките за управување со волонтерските групи кои ќе учествуваат на претстојните настани со цел промовирање на избраните значајни растителни подрачја (Јудови Ливади-Пехчево, Пелистер и Шар Планина). Пред сè, оваа обука опфати повеќе аспекти во поглед на ангажирање на волонтерите: како да се формираат групи од волонтери, инспирирање на волонтерите, раководење со волонтерските групи, смислување различни активности за волонтерите, feedback од волонтерите и сл. Овие теми беа покриени како теоретски, така и практично, преку директна посета на некои од значајните растителни подрачја во Англија каде на лице место се запознавме како волонтерите учествуваат во управувањето и мониторингот на подрачјето.
Обуката исто така овозможи и многу битна можност за координаторите и волонтерите вклучени во овој проект да споделуваат меѓусебни идеи и да дискутираат за сите аспекти на овој проект: организирањето на самите настани; каква група на луѓе ќе опфатат; какви видови материјали ќе се продуцираат (на регионално и национално ниво), вклучувајќи го тука и специјалниот прирачник за волонтери наменет за овој проект; како проектните активности ќе бидат промовирани на различни начини итн.