Од 15 до 18.01.2014 во Стар Дојран се одржа еколошкиот тренинг камп како дел од проектот „Едукација и јакнење на капацитетите за заштита на Дојранското Езеро, приоритетно подрачје за биолошка разновидност“. Учесници во кампот беа ученици од средните училишта во Струмица, Валандово, Богданци и Гевгелија а обуката беше спроведена од искусни еколози од Македонското еколошко друштво. Кампот опфати практична и теоретска обука за еколошки мониторинг. Учесниците имаа прилика практично да користат техники и методи за еколошки истражувања и директно да учествуваат во светскиот мониторинг на водни птици.

колаж_Дојран

Проектот има за цел создавање на локална група за зачувување  на биолошката разновидност на Дојранското Езеро преку јакнење на локалните капацитети и нивно вмрежување. Особено важни за успешноста на проектот ќе бидат младите локални еколози кои се очекува да се оспособат за самостојно делување.

Дојранското Езеро е едно од приоритетните клучни подрачја за биолошка разновидност во Медитеранската „жешка точка“ за биолошката разновидност, глобално значајно подрачје за птици и значајно растително подрачје. Од 1977 година е заштитено како Споменик на природата, а од 2011 година управувањето со ова заштитено подрачје е доделено на општина Дојран.

Проектот е финансиран од партнерскиот фонд за заштита на критичните екосистеми  (The Critical Ecosystem Partnership Fund) кој е заедничка иницијатива на Француската агенција за развој (l’Agence Française de Développement), Conservation International, Европската Унија, Глобалниот еколошки фонд (the Global Environment Facility), владата на Јапонија, Фондацијата МекАртур (the MacArthur Foundation) и Светската банка. Основна цел на иницијативата е да обезбеди вклучување на граѓанското општество во заштита на биолошката разновидност.

Start typing and press Enter to search