Основците од целиот прекуграничен Преспа регион ни покажаа како изгледа влажното живеалиште низ нивните очи!
По повод Светскиот ден на водните живеалишта, 2 февруари, децата од прекугранична Преспа, преку симболична активност го прикажаа нивниот свет во мало. Децата од основните училишта во трите земји направија три макети претставувајќи ја сопствената страна на водното живеалиште, со крајна цел спојување на трите макети, овозможувајќи им на децата да ни ја покажат Прекугранична Преспа како целина.
Активноста беше подготвена од страна на ПреспаНет (СПП, МЕД, ППНЕА). Спроведувањето на креативниот пакет на прекуграничните модели започна на 6 февруари со младите „уметници“ од Грција со боење и пополнување на макетата за нивната страна, потоа продолжи на 9 февруари во ОУ „Гоце Делчев“ во Ресен, Македонија и заврши на 12 февруари во Основното училиште во Долна Горица, Албанија.
Езерата, реките, шумите, земјоделците, рибарите, овчарите, локалните култури, влажните ливади, рибите и добитокот, најдоа соодветно место во моделот на водното живеалиште, уште еднаш потенцирајќи ги нераскинливите врски помеѓу човекот и природата во регионот.
Активноста се комплетира на 19 февруари во Општина Ресен, со симболично спојување на трите модели од страна на учениците од ОУ „Гоце Делчев“од Ресен. Претставници на Општината, ПреспаНет членови и учениците кои учествуваа во изработката на македонскиот дел на Преспа, имаа можност да ја видат целосната слика на Преспанското Езеро како едно водно живеалиште.
Моделот на Преспа понатаму ќе патува и во албанскиот и во грчкиот дел на Преспанскиот регион за да можат сите деца кои учествуваа во оваа активност да го видат крајниот резултат на нивниот труд.