Македонското еколошко друштво заедно со партнерите од Бугарија, Бугарската фондација за биоразнообразие, во рамките на Осоговските Планини во Балканскиот зелен појас организираше обука за сертификација, зачувување, одржливо искористување и управување со шумите во Ќустандил, на која присуствуваа дваесетина учесници од двете држави од шумските стопанства, ЈП Македонски шуми, Шумарските факултети од Скопје и Софија, Дирекцијата за управување со горите на Бугарија, додека претставниците од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство го откажаа своето присуство. Во текот на обуката експертите за сертификација на шумите од Бугарија го презентираа концептот за шумска сертификација, основните придобивки од примената на инструментот, шемите и стандардите во сертификацијата (по PEFC и FSC), како и самиот процес на сертификација и контрола. Основната идеја на обуката беше да се претстават придобивките од одржливото стопанисување со шумите со цел подоцнежно спроведување на стандардите.