Платформата „Пријателите на Шара“ во соработка со Македонско еколошко друштво и Постојаната работна група за регионален рурален развој (SWG) во Југоисточна Европа на 25 март во Општина Драгаш, Косово ја организираше конференцијата „Важноста од прогласување на Шар Планина за национален парк во Македонија“ во срцето на Националниот Парк „Sharri”. На овој настан учествуваа седумдесет учесници од кои шеесетина беа од Македонија. Целта на оваа конференција беше да сесоздаде дијалог меѓу клучните чинители од регионот на Шара во Македонија и во Косово во однос на заштитата на ресурсите на Шар Планина како и да се презентираат придобивките од постоењето на Националниот Парк „Sharri“, кој што во Косово функционира од 1986 година.
– Луѓето на почеток од формирањето на паркот мислеа дека се што користат од планината ќе се забрани кога Шара ќе се прогласи за национален парк. Во суштина во националниот парк може да се користат ресурсите, но тоа е регулирано и контролирано од паркот. На пример мештаните ќе бидат задоволени со огревно дрво, ќе можат да ја напасуваат стоката, ќе може да се собираат шумски плодови, но во одредена количина. Со други зборови нема ригорозни забрани туку сè се сведува на умерен и контролиран начин на употреба на ресурсите на Шара, изјави директорот на Националниот Парк „Sharri”, Хазер Дана на конференцијата.
На конференцијата учествуваа претставници од повеќето општини кои гравитираат кон Шар ПланинавоМакедонија и Косово,претставници од релевантните институции поврзани со заштитата на природата во двете земји, ловечки и планинарски друштва од регионот, претставници на невладини организации и локално население. Според учесниците од населените места на Шар Планина конференцијата беше корисна во однос на размена на информации меѓу двете земји.
– Штета е што немаме кој да се грижи за планината во Македонија, додека чекаме одлука од надлежните, Шара постојано се уништува, не сме против национален парк, но чекаме соодветни одговори од институциите поврзани со функционирањето на идниот парк, изјави еден од учесниците од Македонија на конференцијата.
Платформата „Пријатели на Шара“ и Македонско еколошко друштво се надеваат дека процесот за прогласување на Шар Планина за национален парк ќе се случи наскоро и природата на планината ќе се заштитува соодветно.
Oваа конференција е финансиски поддржанa од АБДА Програмата во рамки на проектот финансиран од Европската Унија – „Потикнување на регионалнатасоработка и рамномерен територијален развој на земјите од Западен Балкан во процесот кон ЕУ интеграција”,имплементиран од Постојаната работна група за регионален рурален развој (SWG) во Југоисточна Европа и проектот „Зачувување на биолошката разновидност преку одржлива употреба на ресурсите на Шар Планина“ спроведуван од Македонско еколошко друштво и финансиран од Германската федерална агенција за животна средина DBU.