Македонското еколошко друштво (МЕД) во соработка со неколку општини од подножјето на Осогово (Чешиново-Облешево, Кочани и Пробиштип) и локални здруженија на граѓани од пределот го спроведуваат проектот “Поврзување на луѓето со природата – зајакнување и вмрежување на граѓанските здруженија во Македонија”.
Во склоп на проектот, МЕД во соработка со горенаведените институции и организации ќе спроведе 3 настани. Првиот настан ќе биде во ко-организација со општината Чешиново-Облешево и ќе обедини повеќе засегнати субјекти како, претставници од општините, планинари, велосипедисти, собирачи на лековити билки, медопроизведувачи, изработувачи на традиционални украси од волна, кои како инспирација ги користат растенијата од Осогово.
Токму затоа, овој настан ќе биде од отворен карактер, каде разни посетители ќе можат во текот на денот, меѓу другото, да се запознаат и со дивите растенија кои со години се користат од страна на народот од Осоговијата. Настанот ќе биде оплеменет со неколку штандови: штанд за локална традиционална храна со информации за растенијата кои се користени за подготовка на истата, штанд за едукација од страна на МЕД, каде посетителите ќе се информираат за проектот и значајните растенија на Осогово, штанд за традиционални украси изработени од филц со мотиви од цвеќиња, штанд за производителите на мед, каде ќе има информации за растенијата кои најчесто ги користат при пашата на пчелите.
На настанот поддршка ќе му дадат и групата на локални планинари и велосипедисти, кои ќе стигнат до местото на настанот преку постоечките планинарски и велосипедски патеки.
Медиумската покриеност ќе биде овозможена од локални телевизиски куќи.
Овој настан кој ќе биде од помасовен карактер ќе има и огромна улога за информирање на сите присутни засегнати страни на кој начин можат да се вклучат во проектот и кој би бил нивниот бенефит.