Како дел од проектот „Проценка на заканите за птици во две значајни подрачја за птици во Македонија“ во месец март се одржаа 3 предавања во основните училишта од Овче Поле (с. Горобинци, с. Лозово и с. Ерџелија) со цел најмладите од регионот да се запознаат со биологијата и екологијата на белоноктата ветрушка (Falco naumanni) и потребата да се постават куќички за овој вид. На предавањата, учениците учествуваа во склопување и обележување на куќичките. Исто така, дел од куќичките беа склопени со студентите од Здружението на студенти на Шумарски факултет – ДРЕН.
На 6 различни локации се поставија 69 куќички, за кои се надеваме дека ќе послужат за својата цел – нови гнезда за белоноктата ветрушка.
Паралелно со поставувањето на куќичките се изврши и проценка на гнездечката состојба на царскиот орел во Овче Поле при што крајниот исход е 14 гнездечки локации – од нив 12 се стари локации, едно е ново гнездо и една променета гнездечка локација. Еден негативен резултат забележан на терен беа две мртви млади птици од царскиот орел, од кои едната е жртва на електрокуцијa.