Прославата на светските денови за миграторните видови птици започна во 2006 година, како годишна кампања за подигање на свеста и нагласување на потребата од заштита на миграторните видови птици и нивните живеалишта, организиран од Програмата за животна средина на Обединетите Нации. По тој повод, секој втор викенд од месец мај, луѓето низ светот организираат јавни настани како фестивали, едукативни програми и екскурзии за набљудување птици.
По втор пат годинава Македонското еколошко друштво се приклучува кон оваа прослава со организирање едукативно-креативна работилница на тема “Луѓето и птиците имаат заеднички дом – да го зачуваме!”. Акцент на овогодишната прослава е ставен на пренамена на земјиштето за потребите на човекот и како птиците се справуваат со тие промени. Затоа главните активности на оваа прослава имаат едукативна цел – обезбедување подетални информации за тоа како нашите активности имаат влијание врз животот на птиците и природата воопшто. Исто така, дел од прославата е и креативната работилница за најмладите каде преку решавање квизови, ликовен натпревар и запознавање со принципите на набљудување на птиците, ќе научат како можеме да придонесеме кон зачувување на заедничкиот дом на луѓето и птиците.
Бидете дел од славењето на природниот феномен на преселба на птиците и придружете ни се на 14 и 15 мај 2011 од 11 – 15 часот, во едукативниот центар на Зоолошката градина во Скопје.
За повеќе детали околу прославата прочитајте тука: http://www.worldmigratorybirdday.org/2011/