Од 1ви ноември 2013 година МЕД започна со реализација на проект кој цели кон креирање на локална група за зачувување на биолошката разновидност на Дојранското Езеро. Задача на проектот е да изгради капацитети кај локалните чинители поврзани со мониторинг и истражување на значајни видови.
Во периодот ноември 2013 – октомври 2014 година, МЕД ќе работи со клучните чинители кои ќе имаат важна улога во зачувувањето на ова клучно подрачје за биолошката разновидност: Оштината Дојран, основните и средните училишта од регионот, ловечките организации, риболовците и концесионерот на рибниот фонд на Езерото и постојните невладини организации. За околу 20 посветени претставници на овие сектори кои ќе се придружат на локалната конзервациска група, МЕД ќе обезбеди основен тренинг за истражување и мониторинг на Езерото, во зимскиот (воведни истражувања на рибите, идентификација на траги на диви животни, цензус на зимувачките водни птици) и летниот период (истражување на птиците гнездилки, водоземците и влекачите, и доколку е возможно, картирање на живеалиштата). За потребите на конзервациската група ќе биде направен основен водич за техниките и постапките за мониторирање на езерскиот екосистем.
За овозможувањето на реализацијата на проектот, МЕД е благодарен на Партнерскиот фонд за заштита на критичните екосистеми, BirdLife International и Друштвото за заштита и проучување на птиците на Словенија (DOPPS – BirdLife Slovenia). Општината Дојран изрази поддршка и подготвеност за соработка за успешна реализација на Проектот.