Mакедонското еколошко друштво организираше планирачки состанок по повод овогодинешните теренски истражувања во рамки на проектот за разумно користење на природните ресурси во Западен Балкан од 07 до 11 мај во Скопје.
Целта на состанокот беше јасно дефинирање на методите и техниките за теренските истражувања кои треба да се направат летово во сите четири земји каде што се спроведува проектот „Улогата на природните ресурси во одржливото рурално живеење во Западен Балкан. Распределба и состојба на недостатоците и придобивките“.
Во Македонија во следниот период се очекува да се спроведат 20 до 50 анкети за начинот на собирање и употребата на лековитите растенија, шумските плодови и печурките во неколку села во Западна Македонија, како и 10-ина квалитативни интервјуа со целно локално население. Анкетите и интервјуата ќе се спроведуваат на македонски и албански јазик.
Слична задача ќе имаат и колегите од невладината организација за заштита на животната средина во Албанија PPNEA, кои ќе спроведуваат анкети и интервјуа во неколку општини во северниот дел на Албанија.
Претставниците од Американскиот Универзитет од Косово AUK, годинешното истражување ќе го насочат кон теми поврзани со креирање на политики и услуги кои ги добиваат планинските села од страна на три косовски општини. Целта е да се истражи задоволството и довербата на населението кон локалната самоуправа како и можните конфликти кои постојат меѓу институциите и локалното население од планинските села.
Активностите во Хрватска во рамки на овој проект ќе продолжат со истражувања насочени кон ловот и екотуризмот, анкетите и интервјуата ќе ги спроведуваат претставници од Факултетот за Ветеринарна медицина од Загреб.