„Панeвропскиот пикник за биолошка разновидност” е кампања за подигнување на јавната свест за зачувување на биолошката разновидност во која се вклучени повеќе засегнати страни. Истата е поддржана од Програмата на Обединетите Нации за Заштита на Животната Средина (UNEP) – Регионалната Канцеларија за Европа и од сите земји учеснички и корисници. Слични вакви настани во рамките на оваа Пан-Европска кампања беа организирани во текот на 2008 и 2009 година во Азербејџан, Луксембург, Германија, Молдавија, Естонија, Романија, Србија, Литванија и Македонија.
Со поздравен говор за значењето на биолошката разновидност, „Паневропскиот пикник за биолошка разновидност“ го отворија: г-н Неџати Јакупи, министер за животна средина и просторно планирање, г-ѓа Дирдра Бојд, постојан координатор на Обединетите нации и постојан претставник на Програмата за развој на Обединетите нации, и амбасадорот Ерван Фуере, специјален претставник на Европската Унија и Шеф на Делегацијата на Европската Унија.
Се промовираа книгите: „Природните вредности на Шар Планина“ и „Значајни растителни подрачја во Македонија“.
По двочасовните презентации се одбележа и Светскиот ден за заштита на животната средина 5 јуни, со симболично чистење на Попова Шапка.
Потоа следеше коктел и традиционална храна со теренска посета на локалитетот Јелак.
Оваа година “Панeвропскиот пикник за биолошка разновидност” во Македонија се организира од страна на Македонското еколошко друштво (МЕД), UNDP и Министерство за животна средина и просторно планирање, а преку мрежата на организации за зачувување на биолошката разновидност во земјите од Централна и Источна Европа (CEEweb).
Тука можете да го погледнете и промотивниот леток за овој настан.