Македонското еколошко друштво со изложба на детски цртежи, прикажување на документарни филмови за биодиверзитетот во Македонија како и саем на локални производи и храна го одбележа Светскиот ден за заштита на биолошката разновидност, во Отешево на Преспанското Езеро. Повеќе од 200 учесници, претставници на локалното население, ученици, професори од шесте училишта во регионот, претставници на владниот и невладин сектор, членови на МЕД и љубители на природата, заеднички го одбележаа овој настан.
Настанот го отвори заменик министерот за животна средина г-дин Стево Темелковски, а следуваше и обраќање на г-дин Ѓоко Стрезовски, градоначалник на Општина Ресен. Посебно обраќање имаше и координаторот на ГИЗ проектот „Заштита и одржливо користење на биодиверзитетот на Охридското, Преспанското и Скадарското Езеро“, госпоѓата Богатиновска. За значењето на биолошкото разнообразие, особено за богатиот Преспански регион говореше претседателот на МЕД, проф. Меловски кој посебно ја истакна новоформираната мрежа ПреспаНет која во иднина ќе делува во заштитата на регионот. Следеше и презентација на г-ѓа Брајаноска за веќезапочнатиот проект „Поддршка на Република Македонија за ревизија на Националната стратегија за биoлошка разновидност со акционен план и изработка на петтиот национален извештај кон Конвенцијата за биолошка разновидност“. По овој официјален дел, следеше изложба каде учениците од регионот ги претставија своите размислувања и визии во однос на заштитата на биолошката разновидност. Повеќе од 150 различни творби, цртежи, постери, творби изработени од различен рециклиран материјал, макети беа претставени на изложбата. Најдобри во тоа беа:
Христијан Трајчевски, ОУ Славејко Арсов, Подмочани, со ликовна творба
Христијан Тодоровски, ОУ Браќа Миладиновци, Царев Двор, со ликовна творба
Марија Котевска, ОУ Мите Богоевски, Ресен, со ликовна творба
Ана Секуловска, ОУ Димитар Влахов, Љубојно со расказ на тема Биодиверзитет.
Основното училиште Гоце Делчев и СОУ Цар Самоиол од Ресен, беа истакнати и наградени за тимска табота и одлично претставување на работата на сите ученици заедно со своите професори.
Настанот беше збогатен и со претставување на традиционалните обичаи, храна и ракотворби кои како дел од спроведениот саем беа исторвемено претставени пред присутните гости и учесници. Освен децата и локалното население, на настанот учествуваа и претставници на регионалните владини и невладини институции кои претставија дел од спроведените активности и реализирани проекти за заштита на Преспанското Езеро.
На крајот, следеше прошетка крај брегот на Преспанското Езеро со демонстрација на научно-истражувачка работа како и проекција на документарните филмови „Во срцето на Балканот- Барајќи го рисот“ и „Во срцето на Балканот- Пеликаните од Преспа Парк“