Претставници од невладината организација за заштита на животната средина во Албанија PPNEA, од Американскиот Универзитет од Косово AUK, како и од Факултетот за Ветеринарна медицина од Загреб изминативе два месеци беа дел од обуките наменети за правилно спроведување анкети со локално население коишто МЕД ги организираше во Македонија.
Обуките се дел од активностите на проектот „Улогата на природните ресурси во одржливото рурално живеење во Западен Балкан. Распределба и состојба на недостатоците и придобивките“ којшто Македонското еколошко друштво заедно со Норвешкиот Институт за истражување на природа (NINA), како и со горенаведените партнерски организации започна да го спроведува оваа година.
Тимовите од Албанија и Косово учествуваа во теренските истражувања во селата Калиште, Ломница и Шипковица, кадешто директно спроведуваа анкети со локално население, додека тимот од Хрватска беше дел од теренските истражувања во селото Велебрдо во Националниот Парк Маврово. Посетителите од овие земји, веднаш по теренските обуки отпочнаа со спроведување на анкети и во своите држави.
До крајот на октомври се очекува да заврши првата фаза на теренските истражувања предвидени за оваа година. До тогаш ќе бидат собрани вкупно 1.000 анкети во дел од планинските села во Западен Балкан, од кои 300 анкети само во Македонија. Анкетите во земјава се спроведуваат во 10 села во Мавровскиот и Шарпланинскиот регион.
Анкетите треба да покажат колку всушност локалното населението се занимава со лов, риболов, собирање на лековити растенија, чаеви, печурки, како и собирање и сечење на дрва за огрев. Анализата на податоците пак треба да покаже дали населението има некаква економска корист од користењето на природните ресурси како и дали тие се користат на одржлив начин.