Во текот на историјата гулабите поминале низ сè и сешто – од свети птици и домашни миленичиња, преку гулаби воени херои до денешни украси на плоштадите и за жал, гурмански специјалитети во најелитните светски ресторани.
Зборот “гулаб” доаѓа од латинскиот збор pipio што во превод значи “малечка птица”. Гулабите се копнени птици со витко тело и со кратки и силни нозе со по четири прста. Се сметаат како едни од најинтелигентните птици кои можат да се препознаат себеси во огледало, да разликуваат 26 букви од абецедата и да разликуваат луѓе на фотографии.
Гулабот е најверојатно најстарата припитомена птица на светот, уште 3.000 години пред нашата ера. На месопотамиските таблици и египетските хиероглифи се наоѓаат записи за припитомување на гулабите. Египќаните и Сумерите ги почитувале гулабите како свети птици и гласници на Боговите. Во фараонските гробници пронајдени се мумифицирани гулаби кои требале да им служат на умрените фараони како гласници додека патуваат кон небото. Во средниот век само племството смеело да одгледува расни гулаби. Селаните смееле да одгледуваат само обични полудиви гулаби.
Првите записи за гулабите се наоѓаат во Стариот завет од Светото писмо. Според Библијата, кога господ Бог го поплавил светот, му наредил на Ное да изгради брод во кој ќе се смести своето семејство и по две животни од секој вид. По неколку недели од потопот, Ное пратил гавран за да провери дали водата се повлекла. Гавранот не се вратил, па по извесно време Ное пратил бела гулабица која се вратила со маслиново гранче во клунот што било знак дека во близина има копно. Ова луѓето го толкувале дека Господ се помирил со луѓето, па затоа денес гулаб со маслиново гранче во клунот е симбол на мирот.
Не случајно гулабицата се вратила назад на бродот. За разлика од гавраните, гулабите имаат исклучително добро развиено сетило за навигација и ориентација во просторот. Уште во тие времиња луѓето ја увиделе ова нивна способност, па набргу потоа почнале да ги користат како писмоносци за пренесување пораки на големи растојанија. Гулабите писмоносци по зима, снег, жештина или дожд – без грешка знаат да ја однесат поштата таму каде што треба.
Првата комуникациска мрежа со помош на гулаби постоела уште 5.000 години пред наша ера во Сирија и Персија. Тогаш гулабите биле единствениот начин за комуникација. Во старото Римско царство, гулабите ги пренесувале резултатите од олимписките игри. Во Англија, уште пред појавата на телеграфот, во голема мера се користеле гулабите писмоносци за пренесување на важни податоци.
Сепак, слободно може да се каже дека нивната улога најмногу дошла до израз за време на војните, кога гулабите се користеле за пренесување на пораки. Постојат докази дека се користени во воени цели уште пред повеќе од 2.000 години, во времето на Гај Јулије Цезар кој ги користел во војната против Галите. Оттогаш, за овие птици испреплетени се безброј приказни кои говорат за трагите кои ги оставиле во историјата.
Една од најубавите приказни е поврзана со градот Венеција и фактот дека денес на централниот плоштад Свети Марко, живеат илјадници гулаби кои се вистинска туристичка атракција. А сè започнало во 12-от век кога венецијанскиот дужд Енрико Дандоло, извојувал голема победа како крстоносец, а веста во родната Венеција ја донеле гулабите. По враќањето дома, дуждот го убедил Сенатот да издаде акт со кој Венеција во знак на благодарност се обврзува – додека има свет и век – да ги рани сите гулаби кои ќе побараат прибежиште во Венеција.
Гулабите во воени цели доста успешно се користеле и при опсадата на Париз 1870-1871 година, за време на француско-пруската војна. Откако ја увиделе предноста што ја имаат при користењето гулаби, големите воени сили како Германија, Русија и Италија, покрај секој свој воен објект граделе и гулабарници. Во Првата светска војна се смета дека се користеле преку 500.000 гулаби за разнесување на пораки. Причината била едноставна – истренирани гулаби писмоносци можат да летаат со брзина од 130 километри на час, а можат да прелетаат од 100 до 1000 км во еден ден. Така може слободно да кажеме дека, благодарение на гулабите и нивните пораки, биле спасени голем број на човечки животи. Затоа и не изненадува фактот дека во градот Лил, Франција, подигнат е споменик на паднатите гулаби од Првата светска војна.
Ништо помала не била улогата на гулабите и во Втората светска војна кога некои гулаби добиле и одликувања за нивната заслуга. Колку биле гулабите добри за брза комуникација, говори и фактот дека во Втората светска војна, Германците биле принудени да користат тренирани јастреби за да ги напаѓаат гулабите и да ги спречат во пренесувањето на пораките.
Гулабите и нивната способност се чини секогаш ќе бидат во фокусот на интересирањето, не само на одгледувачите, туку и на полицијата, па неретко ќе се појават во весниците интересни статии поврзани со гулабите. Така на пример, во 2016 година индиската полиција во близина на границата уапсила гулаб кој наводно носел заканувачки пораки за индискиот премиер. Велат гулабот, сеуште е во затвор без право на посета.
Денеска постојат преку 200 раси гулаби од кој најголемиот број се украсни гулаби кои се чуваат само поради нивната убавина. За оние пак кои летаат и прават разни егзибиции во воздух, денес постојат бројни интернационални натпревари. Најпрестижните натпреварувања се за гулабите писмоносци, па оние најдобрите знаат без проблем да летаат и на релација од Франција до Јапонија.
И во Македонија е развиено гулабарството. Се разбира, само како хоби во кое оние најпасионираните одгледувачи посебно се гордеат со македонската автохтона врста – Дунекот. Оваа раса гулаби се одликува со грациозност, убавина и способноста за егзибиции во воздухот, па не е ништо чудно што Дунекот главно победува и на меѓународните натпревари во гулабарство.
Во оваа приказна за гулабите ќе ја спомнеме изјавата на познатиот научник и нобеловец Никола Тесла кој на својот хотелски балкон се грижел за една бела гулабица. Тесла бил многу осамен човек па за него гулабицата била единствената љубов или како што самиот рекол “Ја сакам како што маж може да сака една жена”.
За жал денес голем број луѓе гулабите главно поради изметот кој го прават, ги сметаат за напаст и ги нарекуваат градски стаорци, непознавајќи ја важноста и симболиката на оваа птица. Што тогаш да кажеме за нас самите, оставаме ѓубре каде што ќе стигнеме, по тревниците, парковите, тротоарите, реките и каде се не. Сите гулаби на светот заедно не прават толку ѓубре колку што успеваат да направат ѓубре луѓето само од една држава. Па кој е сега градски стаорец?
Автор: Проф. Маја Јорданова